,,И во тој миг се соочив со тебе страву, ти што крвнички ми се спротистави, бидејќи знаев дека немав што да загубам”
Кога ќе се соочиш со стравот тој се плаши од твојата одлучност. Кога јасно и гласно ќе му кажеш дека повеќе не се плашиш од него, тој ја губи својата сила. Едноставно кога ќе се соочиш со фактот дека има можност да загубиш одредено нешто, го прифаќаш како таков и почнуваш да мислиш на решенијата како да ја поправиш ситуацијата. Верувај дека силата која произлегува од твоето срце е нешто магично. Тоа без нималку страв го зема мечот и тргнува во битка за едно подобро утре.
Стравот честопати е само илузија. Ние ја даваме таа моќ на настаните и нештата. Кога ќе се соочиш, тоа е решавачкиот миг. Тогаш знаеш дека си доволно силен да направиш сѐ . Па, си се соочил со чудовиштата од твојата глава, зарем тоа не е сила? Или пак полесно е да избегаш, да оставиш да те исплаши, да не се помириш со фактот дека ќе загубиш нешто? Полесно е да се откажеш, да. Тоа е првата опција на која ќе наидеш, но пробај да се бориш. Пробај да претставуваш страв за стравот. Нека твојата душа се спротистави на неговата навидум голема моќ. Немој да дозволиш стравот да те парализира.
Колку повеќе се подготвуваш себеси за она што следува, толку полесно ќе го прифатиш тоа што си свесен дека можеби ќе се случи. Знаеш дека можеш да се сносиш со тоа и едноставно даваш сѐ во тој план ,,А”. Безрезервно се бориш и не мислиш дека можеш да загубиш. Тогаш ја елиминираш и можноста за загуба, затоа што нема да загубиш. Само собери храброст и спротистави се бидејќи тогаш стравот ја губи неговата моќ, кога ќе имаш храброст да бидеш поголем од него и да му погледнеш во зениците полни со јад. Биди поголем од стравот и од секојдневните искушенија со кои се соочуваш.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.