,,Не можам јас со тие лажни емоции и интриги”, рече и се напи од пијалокот. Се насмевна и ме погледна. Во нејзините сини очи видов бунтовност. Чоколадно кафеавите кадрици срамежливо ѝ беа скротени во пристоен кок. Таа девојка беше како неактивирана бомба, сместена во украсна кутија, запечатена со машничка. За неа кружеа многу работи, многу гласини. Повеќето од нив, дури можеби и сите беа негативни. Ѝ велеа на оваа девојка дека треба да се омажи без ниту малку да го осознае светот, да има деца, да седи дома и да се грижи за домот. Да биде пристојна и учтиво да се однесува дури и кога другите ја газат. Да клима со главата дури и кога не е во право, да се покорува на постарите и на мажот, на сѐ да се покорува бидејќи таа била жена. Ја учеа на животот да му се покорува.
Но толку ги сакам тие инспиративни приказни кога луѓето одбиваат да направат нешто само затоа што така им е кажано или наложено. Пред мене дефинитивно не беше таква девојка. Таа беше силна, доста силна, дрска по потреба, свесна за својата вредност, за својата женственост и убавина.
,,Јас бев многу одлучна да не го живеам животот за другите. Сакав ако се омажам, да се омажам од љубов, да не се покорувам, да имам сопствено јас. Се спротиставив и успеав”, разочарано рече и ја зема запалката. Ја стави цигарата меѓу усните и ја запали. Зема од димот и ја протресе во пепелникот. Нејзините движења изобилуваа со сила и бунтовност. Но во неа убедливо тлееше некоја необјаснива тага.
,,Знаеш, многу е тешко во едно вака време невреме, во оваа сивило да бидеш светлата точка. Сите сакаат да бидат како тебе, независна, самостојна, силна, а не можат. Та кога не можат, тие само зборуваат за тебе”, рече и ја навали главата кон прозорецот.
,,Животот ме научи на многу работи, на тежок начин. Се прашувам зошто секогаш сакам работи кои се забранети? Посакувам луѓе кои ми се забранети? Сакам да одам подалеку од границите, да се противам на она што не ми се допаѓа и гласно да кажам дека јас одлучувам за мојот живот. Секогаш сакам нешто што е мошне комплицирано”, рече и зема уште еден дим.
,,Но, види. Ако имаш доволно храброст да ги побараш тие ,,невозможни” работи од животот, ако ги сакаш со целото свое срце тој ти ги дава”.
Се насмевнав, бидејќи ја разбирав нејзината емоција кон животот.
,,Јас сум создадена за емоции. Дај ми емоции, покажи ми душа, покажи ми срце кое сака, со тоа умеам, а со овие интриги, вообразнеост и лакомост не умеам!”
Беше очигледно дека животот е учител на различни нивоа и дека oд нас зависи на кое ниво сакаме да учиме и со кои помагала. Секогаш тој ни дава еден тежок испит пред да се искачиме на другото ниво, а понекогаш нѐ фаќа во замка, та дури ни дава лесен испит на кој сите паѓаме, па се враќаме на полето подолу. Бидејќи тој не пушта со ,,врски” , животот бара учење од него, од неговите лекции, од грешките. Само што дефинитивно некои од нас имаат полесен материјал за совладување, некои потежок. Некои со солзи, некои со насмевки, некои со забранети работи, некои со леснотија, некој со потешкотии, некогаш и сѐ во едно. Но тој е учител и става печат на ферманот дека џабе ни се сите книги од кои учиме, ако не ги разбереме неговите лекции.
Викторија Саздовска
Девојка со борбен дух. За неа откажувањето не постои како опција.