Прашањата на Јана – Снежана Паноска
На креветот баба дреме. На очите ѝ стојат очилата. Задремала заедно со нив.
Денот е долг и врел. Дедо гледа телевизија. Гледа со очила.
Влегува Јана. Седнува до дедо и бара да ѝ пушти цртан филм.
Го прашува дедо:
„Дедо, ти имаш очила?“
Дедо ѝ одговара:
„Имам“
„Зошто ти се?“
„За читање ми се“
„Имам и други за гледање телевизија“.
Јана се врти накај дедо, погледнува кон баба кај што дреме и со тивок глас прашува:
„А, а ти дедо, имаш ли очила за спиење како баба???“
Автор: Снежана Паноска
