За денес издвојувам песна од збирката поезија „Гемии“ на македонскиот поет Љубомир Груевски.
Песната е во склад и со името на блогот и ми е посебно драга како и самата збирка поезија која ја добив на подарок во моите школски денови. Таа е една од првите книги кои сум ги добила на подарок и за мене има посебно место во срцето и спомените.
Љубомир Груевски (роден на 17 јануари 1949, во Гевгелија – починат на 10 ноември 2016, во Битола) е македонски поет. Работел како уредник во издвачки куќи; бил директор на Хераклеја Линкестис – антички локалитет (во близина на Битола), директор на Народниот театар (Битола), а подолго време работел како главен и одговорен уредник на издавачката куќа „Мисирков“ (Битола)- прва издавачка куќа во Р. Македонија, надвор од главниот град, чијшто покренувач и директор во основање бил тој.
Во Битола подоцна (1993) исто така ја основал и бил директор и главен уредник на приватната издавачка куќа „Артерос“, која делувала десетина години вклучително и во книжарската дејност.
Има издадено неколку поетски збирки, а „Гемии“ е неговата прва збирка поезија изадена во Битола во 1980 година.
Крајбрежна
Ова е морето
Што во солзи размислува за твојата
Убавина
И што патем ти зборува за една мала
Далечна Македонија
Не му веруваш
А се заколнавме
Пред далгите и твоите стапки
Зборот да не биде казна
Штом те споменуваме тебе
И го откривам нашето заедничко име
Во песокот што веќе не е брег
Во песочниот саат на моите дланки
Засолнети ѕвездите ни ги пребројуваат
Скапоцените Мигови
И му признавам на Огнот
На Водата и признавам
Најголема казна за моето непостоење
Не е твојата убавина Немирот морски
Тука помислата дека друг ќе те бакнува
И покрај ветувањето на твоите црнки
Дека само смртта ќе го има позитивниот крај
На Морето Покрај кое никогаш не поминавме
Заедно.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.