Вашиот глас Литература Проза

Гром – Тони Павлески

Зоран сè уште лежеше на креветот и се обидуваше да се сети од каде го познава она малечко детенце што толку милно го поздрави дента кога во далечините слушна грмотевици. Жешкото  време го направи своето. Погледна низ прозорецот. Некаде од исток, како лавина надоаѓаа густи, црни облаци што влеваа страв во коските. Ветерот стануваше сè посилен. Покрај ситните парчиња хартија, песок и суви лисја, носеше со себе и некоја чудна миризба што навестуваше невреме. Зоран немаше намера да излегува тоа попладне, па затоа го отвори широко прозорецот, ја зеде и ја наметна врз себе старата тренерка обесена зад вратата и остана со чудна љубопитност да ги следи облаците. Одеднаш се смири ветерот. Миг потоа силна молскавица го осветли просторот, следена од заглушувачки тресок. Јадри капки дожд како рој пчели  се нафрлија врз земјата да ја соберат прашината. За неколку секунди и неговото лице беше облеано. Го затвори прозорецот. Не сакаше да им пркоси на временските промени.

            И тогаш се сети. Да! Тоа беше детето со кое што неколкупати шеташе по карпите и пештерите над градот. Го немаше видено повеќе од една година. Невремето го врати во минатото.

            Тој ден, како и многупати пред тоа, во обидот да ја победи досадата, Зоран го зеде фотоапаратот и своето куче и излезе надвор од градот. Беше убав пролетен ден. Време измислено за мирни прошетки. Тој не сакаше никој да го придружува во прошетките. Најдобро уживаше во зеленилото и во песните на птиците кога беше сам. Но, тогаш пред него се појави детето. Тоа, заедно со уште неколку дечиња ловеше пеперутки. Го замоли со наивен, детински израз на лицето, да тргне со него низ карпите, така што Зоран не можеше да го одбие. Додека другите деца опиени од зеленилото и прекрасното пролетно сонце, продолжуваа со своите игри, малиот пријател на Зоран, заедно со него и неговото црно рунтаво куче Динго, тргнаа нагоре низ карпите. Од некои места крај карпите сè уште течеа мали рекички, останати од пролетните дождови, така што Зоран грижливо го водеше детето на посувите места. Убаво си поминаа! Барем така мислеше детето, зашто кај Зоран чувството за убаво беше одамна изгубено. Тој одеше надвор од градот за да се ослободи од притисокот на секојдневието и нечистиот воздух. Како по некој договор, уште неколкупати Зоран и детето се сретнуваа и заедно ги совладуваа угорнините. И додека тој секогаш лежеше под сенката на една иста карпа и немо гледаше во браздите што ги направило времето на неа, детето кружеше наоколу, се смееше и постојано нешто довикуваше. Тука на широката лединка под карпите, во близина на распаднатите градби од минатото, имаше прекрасен поглед на градот. Тука, освен понекоја пчела или змија, Зоран не беше вознемируван од никој друг.

             Но, и она што донекаде носеше по некој бран на задоволство кај него, некој како постојано да му го одземаше. Се случи така еден ден, кога одеше кон своето мирно место во карпите, Зоран повторно да го сретне детето. Како стари неразделни пријатели тргнаа во освојување на височините. На местата каде што до неодамна протекуваа води, сега се напластуваше тенок слој на темнозелени мовови. Веќе целата природа имаше облечено малку потемна боја. Градот од височините изгледаше како  оставена кошница со плодови, околу која се обвиткала мрежата на заборавот. Над него некој чуден рој од пчели, танцуваа на врелината. Сè беше изменето, дури и карпата под која што легна. Таа стоеше окована на истото место, само што лузните на нејзиното тело како да беа подлабоки, посурови. Изгледаше огрдена и остарена. Во меѓувреме околината со уште поголема жестокост се нафрлила врз неа. Ја гледаше и размислуваше за својот живот. Колку сличности го поврзуваа со карпата. Бараше промени, а тие промени во животот, оставаа се нови и нови рани врз неговото тело. Одеднаш слушна крик. Неговиот мал пријател го довикуваше.
– Змија! – рече детето.  – Се обидуваше да ме касне, а Динго се нафрли врз неа.

Змијата веќе ја немаше. Побегнала! Кучето го лижеше потеченото место на левата нога и квичеше. Легна и со тажен, молбен поглед, гледаше во Зоран и во детето. Зоран немоќно кружеше наоколу и како да се обвинуваше себе си што не може да  најде начин да спаси, еден од двајцата свои најдобри пријатели. Змискиот отров беше посилен. Го однесоа кучето во една пештера. Внатре имаше тесен, длабок процеп што водеше во длабочините на земјата. Тука решија да го спуштат. Не смееше повеќе никој да го вознемирува нивниот пријател. За прв пат и детето молчеше. Се вратија двајцата во градот, секој со своите мисли, без збор да прозборат. Повеќе Зоран не појде во карпите. Којзнае, можеби детето го бараше, но на Зоран му беше премногу тешко да се враќа на местото каде што го изгуби својот пријател, верното куче Динго…

            Дождот беше престанал. Далеку некаде на запад, сртот го оловоруваше голем виножитен прстен. Зоран го отвори прозорецот. Го облеа мирис на земја после дожд. По улиците сè уште течеа реки дождовна вода. Од под стреите го слушна и првиот џагор на врапчињата. Додека полека се стемнуваше, од градите на Зоран се откина длабока воздишка.

                                    *****

Следниот ден, Зоран тргна во посета на својата сестра. Го пречека свежо утро и купчиња наталожена песок по улиците. Сончевата светлина се одбиваше од сè уште влажниот асфалт и удираше по слепоочниците на минувачите. Одеднаш застана. На некрологот што го местеа виде познат лик. Ги протри уште еднаш очите. Не можеше да им  верува. Тоа беше неговиот мал пријател –  детето. Го прочита неговото име и тоа дека загинало на девет години, од гром. Зошто него? Кому му погреши тоа дете? Зарем затоа што другаруваше со него? Зарем затоа што се обидуваше кај него да ја врати, одамна изгубената наивна, детска љубов. Дури сега се сети, оти никогаш не го праша за името, но тоа повеќе не беше важно. Ја прочита адресата од некрологот и отиде да го испрати својот мал пријател. Влезе во ниска темна одаја. Го пречека мирис на свеќи и болни лелеци на жени. И тој запали свеќа, го помилува детето по косата и почна да плаче. Плачеше како мало дете. Многу од тажачките за миг престанаа, гледајќи го големиот човек во солзи. Дали плачеше од тага за својот последен изгубен пријател, или од радост, што тоа мало суштество повеќе никогаш нема да го повреди животот.

            Потоа излезе надвор. Сè уште плачеше. Го болеше и тоа што во последните месеци не беше со својот единствен, останат пријател – детето. Се врати по истиот пат од каде што тргна. Се надеваше дека таму, некаде горе, ќе го чека избраздената карпа, за да ѝ ја соопшти тажната вест. Уште со неа можеше да ја подели тагата. Таа сигурно ќе ги разбере неговите солзи.

Тони Павлески

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје