Спасе е висок, тенок како сукало. Потпрен на лопата стои пред влезот на котларата. Котелот од системот на централното греење во училиштето работи на ќумур и дрва, та тој
во грејната сезона постојано е во котларата.
Работничкиот комбинизон со темно сива боја му е потемнет од ќумурот.
На лицето му се налепил тенок слој прашина.
Темно кафеавата коса зачешлана на патец ја заштитил со кариран качкет.
Очите со боја на костен како да кријат во себе некоја длабока тајна.
Гледа во учениците а на усните му лебди лесен, таинствен насмев.
Има здрави бели заби со широк раздел меѓу единиците.
Тој е тивок, повлечен самец. Затворен е во себе.
Има четириесет години, а сè уште не оформил семејство.
Судбината така запишала. Да не донесе дома невеста.
Да нема свои деца, да не го почувствува татковството.
Спасе често одеше во училишната библиотеката и изнајмуваше книги.
Ќе влезеше и ќе ја поздравеше библиотекарката.
Од џебот на работничкиот комбинизон ќе извадеше кутија цигари и од под целофанот на кутијата ќе извлчеше книженце со некаков напишан текст.
Всушност на книжето беше напишан насловот на книгата што требаше да ја позајми..Ќе го прочиташе насловот и ќе прашаше: „Ја имате ли книгата Девојките на Марко од Оли
вера Николова?“
-Да ќе речеше библиотекарката.
-Дајте ми ја, ќе ја земам-гледајќи во подот ќе одговореше Спасе. Библиотекарката ќе ја заведеше книгата и ќе му ја подадеше.
Спасе ќе ја земеше книгата, ќе ја поздравеше библиотекарката и одеше во котларата.
Додака чекореше тивко во ходникот, некои од техничкиот персонал го задеваа.
-Спасе, пак зеде книга?
-Многу читаш , Спасе!
– Спасе, за кого ја зеде книгата?
За миг погледот на Спасе ќе светнеше како секавица, но брзо ќе ја наведнеше главата и ќе си заминеше без збор да им проговори.
Се прашуваше дали овие колеги од работа несовесни мајтапџии го разбираа говорот на неговиот поглед.
– Дали тие знаат ?
– Што им е гајле ним за кого е книгава ?
– Дали ќе ја прочитам јас или некој друг?
Во средата кога Спасе ја зеде книгата „Животот занает најтежок“ од Бошко Смаќоски , библиотекарката благо го праша: -Спасе, сакаш ли да читаш историска литература
можам да ти дадам…?
Спасе ја прекина. -Не – рече – оваа книга и сите други ги зе мав за Кирчо од мојата Ружа , Ружица …
-О , опрости Спасе, јас немав намера да изнудувам одговор. Одговорот ќе остане овде во библиотекава.
– Јас многу добро Ве познавам – рече Спасе – затоа вам ви ја кажав вистината. Јас не се срамам од вистината и од вас.
Вие знаете дека до пред три години јас не доаѓав во библиотекава. Јас не читам книги.
Но со оваа мала грижа за лектирите на Кирчо од Ружица, мислам повеќе ќе се доближам до детето на Ружица, до нејзиниот Кирчо, па ќе можеме повеќе да комуницираме.
Сакам детето да ме засака, да ме сака. Сакам тројцата да се разбираме, да се помагаме, да си го олеснуваме животот.
– Сакам да бидеме семејство, ме разбирате?
– Те разбирам Спасе. Бог нека ве благослови! – рече милозвучно библиотекарката.
Со книгата во рацете и со видлива насмевка на лицето Спасе излезе од училишната библиотека и се упати кон котларата.
Блага Тутеска