Проза

Остави ја љубовта да живее

Последно што сакам е да бидам ставена во грев за смртта на една невина љубов. После тебе, сфатив дека љубовта не боли, луѓето ја прават проклетата болка. И ти ме повреди. Не успеа да одолееш на тој несовесен нагон, и ми заби нож во срцево. Остави таму еден потсетник во облик на рана, за твојата сурова душа. Ми покажа колку моето срце може да сака, колку е тоа големо, колку љубов е подготвено да даде, колку болка да истрпи и повторно да не се плаши да сака. А ти, докажа дека сепак на овој свет постојат и нелуѓе. Остави записи за себеси преку тие рани што му ги нанесе на срцево, а јас ти напишав биографија. И секогаш кога ќе влезам во библиотеката на душава, таму ја наоѓам неа. Се обидов со солзи да ги исчистам тие спомени што останале во мене и не успеав. Му ласкав на срцево за да те заборави, но беше безуспешно. Пробав и тие страници да ги запалам, но не стануваат пепел. Како феникс се, како пиреј се. Се издигнуваат од мојата болка, од пороите солзи. Јас од таа љубов направив едно ремек дело, бидејќи знам дека ти нема да избледеш.

И не, нема да ја убијам љубовта само заради еден лош човек, нема да бидам човек без емоции заради многу пролеани солзи. Нечовечкото што ти го покажа, нема да ме поколеба да сакам повторно и посилно од порано. Јас ќе се борам за љубовта, ќе дозволам да живее дури и ако пеколно боли. Во името на љубовта треба да се живее. И не треба да ѝ ги препишуваме сите тие остри зборови на неа, не треба да се пие по баровите затоа што љубовта боли. Љубовта не боли. Болката ја предизвикуваат несовесните луѓе кои доволно добро не ја разбрале.

Сакав да те убијам тебе во мене, а всушност ти беше љубовта. Ако те убиев тебе, ќе ја убиев и неа, а последно што сакам е да бидам човек без емоции.

Автор: Викторија Саздовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје