Честит 1 мај – Меѓународниот ден на трудот!
Ви го честитам со песната „Денови“ симбол на аргатската мака, на тешкиот живот на македонскиот народ, песна проткаена со социјални мотиви. За жал и денес сме сведоци на сите овие работнички маки од кои како да не постои излез. Да ја подигнеме свеста на повисоко ниво и да се бориме за правата на работниците и на секој човек, зошто сите сме важни!
Денови
Како на вратот ѓердани
ниски камења студени,
така на плешки денови
легнале та натежнале
Денови ли се — денови
аргатски маки големи!
Стани си утре порано
дојди си вечер подоцна,
наутро радост понеси
навечер тага донеси —
ај пуст да е, пуст да би
останал живот кучешки!
Роди се човек — роб биди
роди се човек — скот умри
скотски цел живот работи
за други, туѓи имоти.
За туѓи бели дворови,
копај си црни гробови!
За себе само ’ргај си
за себе маки тргај си —
нижи си ѓердан денови
нижи си алки ковани,
нижи си синџир железен
околу вратот навезен!
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.