Песна над песните е лирска песна од Стариот Завет. Се нарекува и Песна на Соломон, еврејски крал кој живеел во 10 век п.н.е. и се верува дека тој е нејзин автор и тој е спомнат дури седум пати во песната. Оваа песна се смета за најубава од неговите песни и плени со нејзината уникатност и единственост, односно не наликува на ниту еден друг дел од Библијата. Таа е многу кратка, се состои од само 117 стиха и сместена во 22 книга во Библијата.
Оваа мистериозна и прекрасна песна ја воспева љубовта и e една од најубавите љубовни песни некогаш напишани. Во неа се воспева човечката привлечност, телесна страст, романтичната љубов кои се дел од Божјиот план за односите меѓу мажот и жената, таа прикажува како би изгледала совршената љубов која Бог ја створил за нив. Според некои, таа е алегориска презентација на односот помеѓу Бог и Израил. Исто така алегориски го прикажува и Рајот каде Адам и Ева за првпат уживаат во вистинската љубов пред нивниот пад.
Во заедницата на Сефардите се рецитира секој петок навечер. Долго време се сметала за непристојна и имало и обиди да се исклучи од Библијата. Но, рабинот Акива, еден од најголемите еврејки рабини кои живееле на крајот од 1 век истакнал дека токму оваа песна е најсвета меѓу сите свети списи.
Поделена е на 8 делови и во неа има два лика, жена и маж. Тие се длабоко и стравствено вљубени еден во друг. Жената копнее по неговиот бакнеж – [Бакни ме со бакнеж на својата уста, твојата љубов е послатка од вино], додека мажот пак неа ја смета за најубава меѓу жените – [ Ако не го знаеш тоа, о, најпрекрасна меѓу жените, излези и следи ги трагите на стадата, и паси ги твоите јариња околу пастирските шатори].
Но, и жената кажува: [О, ти си прекрасен, мој возљубен, и љубезен! Зеленилото е наша постела.]
Постои голема надеж дека ќе се сретнат и очекуваат да бидат заедно- [Мојот возљубен почнува да ми зборува: „Стани, моја возљубена, убавице моја, и дојди!] , но постои и сомнеж кај неговата сакана и таа го бара но не може да го најде – [Во своето легло, во ноќите, го барав оној, кого го љуби мојата душа; го барав, но не го најдов].
Мажот цело време ја фали својата сакана и детално го опишува нејзиното тело – [Колку си убава, моја возљубена, Колку си прекрасна! Имаш очи како гулабица, под твојот превез; косата ти е како стадо кози, што слегуваат од гората Галад.Забите ти се како стадо на остригани овци, кога се враќаат од капење: одат две по две како близначки и ниедна не е осамена.Твоите усни се како лента од црвено предено и твоите зборови се љубезни; твоите образи се како калинкини половинки, под твојот превез].
Жената исто така цело време кажува комплименти за него – [Мојот возљубен е бел и румен, повеќе од десет илјади други. Неговата глава е како злато – чисто злато; кадриците од косата, како млади палмини гранчиња, црни како гавран].
Постојано е присутна сензулната желба, жената и го повикува мажот да му ја подари својата љубов – [Дојди, возљубен мој, ќе одиме во полето, ќе ноќеваме во селата. Наутро ќе одиме во лозјата, за да видиме дали распупува лозата, дали се зафаќа грозјето, дали расцветаа калинките? Таму ќе му ја дадам мојата љубов].
И покрај сите овие љубовни изнуди и посакувања, во песната постои и предупредување. Така, овој вид на телесна љубов треба да се појави во вистинско и соодветно време – [Ве заколнувам, ерусалимски ќерки, во полските срни и елени, не ја будете и не ја тревожете мојата љубов, додека самата не посака].
Оние што се млади, а сè уште не се подготвени за брак, треба да бидат заштитени од оние кои се постари и позрели – [Имаме мала сестра, која уште нема гради; што ќе правиме со нашата сестра, кога ќе стане збор за неа?Ако биде како ѕид, ќе изградиме врз него сребрен дворец; ако биде како врата, ќе ја обложиме со кедрови даски.Јас сум ѕид и моите гради се стражарници, затоа јас ќе бидам во неговите очи, како онаа што достигнала до полнота].
Главни пораки на песната до сите вљубени парови:
1. Љубовта е моќна, забавна и добра; но исто така може да биде опасна и болна – [Стави ме како знак на срце, како печат на твојата рака; зашто љубовта е силна како смртта, а љубомората е цврста како гроб. Нејзиниот жар е жар на огнот, нејзините пламења, Господови пламења].
2. Немојте да ја будите љубовта пред да и дојде време.
3. Бидете дарежливи во делење на комплименти на сопругат/а.
Целата песна изобилува со комплименти кои двајцата вљубени си ги упатуваат еден кон друг.
4. Комуницирајте меѓу себе.
Песна над песната е песна за комуникацијата. Самата песна е дијалог меѓу двајцата млади и укажува на важноста на комуникацијата во бракот и во љубовта меѓу мажот и жената. Ова е од посебна важност денес кога комуникацијата изостанува од нашите животи и една од причините за разделба меѓу двајца сопружници.
Песна над песните
1. Возљубената: Да, сакам да ме целиваш со бакнежи на устата своја! Зашто твоите милувања се подобри од виното.
2. Од пријатниот мирис на твоите масла името ти е како разлеано миро; затоа те сакаат момите.
3. Поведи ме, да побрзаме; царот ме воведува во одаите свои, – ќе се восхитуваме и ќе се радуваме со тебе, ќе ги фалиме твоите милувања повеќе од вино. Навистина те сакаат!
4. Ќерки ерусалимски, црна сум но сепак сум убава како шаторите кидарски, како Соломоновите завеси.
5. Не гладајте ме оти сум црномурна, зашто сонцето ме подгорело: мајчините синови ѝ се налутија, ме поставија да ги чувам лозјата – но своето сопствено лозје не го зачував.
6. Кажи ми ти, кого го сака душата моја: каде го пасеш стадото, каде пладнуваш? Зошто да бидам како скитник крај стадата околу твоите другари?
7. Хорот: Ако не го знаеш тоа, о, најубава меѓу жените, тогаш оди си по овците свои и паси ги јарињата покрај пастирските шатори.
8. Возљубениот: Ти си ми, драга моја, како кобилка во фараонова двоколка.
9. Прекрасни се твоите образи под обетките, вратот твој – со ѓерданите;
10. Ќе ти направам златни обетки со сребрени топчиња.
11. Возљубената: Додека царот беше крај трпезата, народот мој го испушташе својот пријатен мирис.
12. Смирнова китка е мојот возљубен: стои меѓу градите мои.
13. Мојот возљубен ми е како кипарисов грозд во Енгедските лозја.
14. Возљубениот: О, убава си, мила моја, убава си! Имаш очи гулабови.
15. Возљубената: О, убав си, мил мој, прекрасен си! И постелата наша се зеленее.
16. Возљубениот: Покривите на куќите ни се кедри, штиците наши – кипариси.
2. Копнеж по пријателот
1. Возљубената: Јас сум саронски нарцис, долински крин!
2. Возљубениот: Она што е кринот меѓу трњето, тоа е мојата возљубена меѓу момите.
3. Возљубената: Она што е јаболкницата меѓу шумските дрвја, тоа е мојот возљубен меѓу момците. Посакав сенка нејзина, и седнав; плодовите нејзини се слатки за грлото мое.
4. Тој ме воведе во куќата за гозба, и знамето негово над мене беше љубов.
5. Поткрепете ме со сочни гроздови, освежете ме со јаболка, зашто сум болна од љубов.
6. Левата рака негова ми е под главата, а со десната ме прегрнува.
7. Возљубениот: Ве заколнувам ќерки ерусалимски, во срните и во полските кошути: немојте да ја разбудувате и да ја вознемирувате возљубената, додека сама не посака.
8. Возљубената: Гласот на мојот возљубен, еве, го: доаѓа, скока преку фиданките по горите, прескокнува преку ридовите.
9. Мојот возљубен прилега на срна, на млад елен. Ете, стои зад ѕидот наш, погледнува низ прозорецот, ѕирка низ решетката.
10. Мојот возљубен се огаси и ми рече: „Стани, мила моја, убавице моја, дојди!
11. Еве, зимата веќе мина, дождот го снема, престана веќе,
12. цвеќиња се појавија по земјата; настана време за кроење лози, и гласот на гугутката се слуша во земјата наша;
13. смоквите ги отворија пупките свои, и расцутените лози пријатно мирисаат. Стани, мила моја, убавице моја, и дојди!
14. Гулабице моја во карпест пролом, под камено засолниште, покажи ми го лицето свое, дај ми да го чујам гласот твој, зашто гласот ти е ѕвонлив, и лицето ти е прекрасно.
15. Фатете ни ги лисиците, лисичињата, оти тие ги пустошат лозјата, а лозјата ни цутат.
16. Мојот возљубен е мој, јас, пак, сум – негова; тој го пасе стадото меѓу кринови.
17. Додека денот не измине и сенките ги снема, врати се, мил мој, и биди како срна, како млад елен, по горите што не разделуваат.
3. Верноста на пријателката
1. Ноќва во леглото мое го барав оној, кога го сака душата моја, го барав и не го најдов.
2. Затоа ќе станам, ќе тргнам по градот, по улиците и плоштадите, и ќе го барам оној, кого душата моја го сака. Го барав, но не го најдов.
3. Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваат градот: „Дали го видовте – ги прашав – оној, кого душата моја го сака?”
4. Но, штом ги одминав, го најдов оној, што го сака душата моја, се фатив за него цврсто и не го пуштив, додека не го одведов во куќата на мојата мајка и во одајата на родителката своја.
5. Возљубениот: Ве заколнувам, ќерки ерусалимски, во срните и полските кошути: немојте да ја разбудувате и да ја вознемирувате возљубената, додека сама не посака.
6. Хорот: Што е таа, која се издига од пустињата како столб од дим, што мириса на смирна и темјан, и на секакви пријатни мириси?
7. Еве ја носилката – на Соломона: околу неа шеесет души јунаци меѓу јунаците Израилеви.
8. Сите држат по еден меч и се вешти во борба; секој има меч на бедрото свое поради ноќниот страв.
9. Носилка си направил царот Соломон од ливанско дрво;
10. скалата ја направил од сребро, оградите нејзини се од злато, седиштето – порфир; внатрешноста со љубов ја украсиле ќерките ерусалимски.
11. Излезете, ќерки сионски, и погледајте го цар Соломона со венецот, со кој го украсила мајката негова во денот на свадбата негова, во радосниот ден за срцето негово.
4. Убавините на пријателката
1. Возљубениот: О, убава си, љубов моја, убава си! Очите твои се гулабови под твојот превез; косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од Галадската гора;
2. забите твои – како стадо истрижени овци, кога излегуваат од капење, од кои секоја има по две јагниња, и без јагне нема ниедна;
3. усните твои – како алова панделка, а устата твоја слаткоречива; твоите јаготки под превезот твој се како половинки од калинка;
4. вратот ти е – како Давидовата кула, изградена за оружје: на неа висат илјадници штитови – сè штитови на јунаци;
5. двете твои гради се како близначиња од млада срна, кои пасат меѓу кринови.
6. Додека денот на залади, и не одминат сенките, ќе одам на смирновата гора и на темјановиот рид.
7. Цела си убава, мила моја, и дамка нема на тебе!
8. Слези со мене од Ливан, невесто, слези и дојди од Ливан, од врвот на Аман, од врвот на Сенир и Аермон, од лавовските пештери, од леопардовите гори!
9. Ти го освои срцето мое, сестричке невесто, го плени срцето мое со еден поглед на очите свои и само со веришката на вратот свој.
10. О, колку е слатка љубовта твоја сестричке невесто! Послатка е љубовта твоја од вино, и пријатниот мирис од твоите масла е попријатен од сите ароми.
11. Од устата твоја капе восочен мед, невесто, мед и млеко под јазикот твој, и мирисот на облеката твоја е како мирис ливански!
12. Затворена градина е мојата сестричка невеста, извор затворен, кладенец запечатен;
13. твојот насад е градина од дрвја со вкусни плодови, кипар и нард,
14. нард и шафран, трска и цимет со секакви пријатно – мирисни дрвја, смирна и алој со најубави ароми,
15. ти си градински извор, кладенец од жива вода, што истечува од Ливан.
16. Возљубената: Подигни се, ветре, од север, повеј и ти, ветре, од југ и повеј над градината моја, за да прострујат аромите нејзини! Нека дојде мојот возљубен во градината своја и нека касне од слатките плодови свои.
5. Пријателката тагува поради разделба
1. Возљубениот: Дојдов во градината своја, сестричке невесто, ја обрав смирната моја и мирисите мои, ги јадев медените питки со мојот мед, го пиев виното со моето млеко. Јадете, пријатели, пијте и наситете се, мили мои!
2. Возљубената: Спијам, но срцето мое е будно; ете го гласот на мојот возљубен, кој чука: „Отвори ми сестро, мила моја, гулабице моја, совршена моја, зашто главата моја е целата со роса покриена, и косата моја – со ноќна влага.
3. Го соблеков хитонот свој, пак ли да го облекувам? Сум ги измил нозете свои, како да ги валкам?”
4. Мојот возљубен ја протегна раката низ отворот, и срцето мое затрепери од него.
5. Станав да му отворам на мојот возљубен; од рацете ми капеше смирна, од прстите мои пријатен мирис на смирна врз држката од клучалката.
6. Му отворив на мојот возљубен, а мојот возљубен си беше отишол. Душата ми премре, додека тој говореше; го барав, но не го најдов; го викав, но не ми се јавуваше.
7. Ме сретнаа стражарите, што го обиколуваа градот, ме натепаа, ме изнаранија; ми го симнаа превезот оние, што ги чуваа ѕидиштата.
8. Ве заколнувам, ќерки ерусалимски! Ако го сретнете мојот возљубен, кажете му, дека изнемоштувам од љубов.
9. Хорот: Со што е твојот возљубен подобар од другите возљубени, о, најубава меѓу жените? Во што твојот возљубен е подобар од другите, па така нè заколнуваш?
10. Возљубената: Мојот возљубен е бел и румен, избран меѓу десет илјади други;
11. главата негова – чисто злато; кадрите негови – брановидни, црни како гавран;
12. очите негови – како гулаби крај водни потоци, што се капат во млеко, што стојат задоволни;
13. образите негови – ароматен цветник, леи со миризливи билки; усните негови – кринови од кои капе чиста смирна;
14. рацете негови – златни валци, опсипани со топази; стомакот негов – како сад од слонова коска, обложен со сафири;
15. нозете негови – мермерни столбови, поставени врз златни подлоги; изглед има како Ливан, величествен е како кедар;
16. устата негова – сладост, и целиот тој е пожелен. Ете, кој е мојот возљубен, и ете, кој е пријателот мој, ќерки ерусалимски.
6. Радост поради враќањето на пријателката
1. Хорот: Каде отиде твојот возљубен, о, најубава меѓу жените? Каде скришна твојот возљубен? Ние ќе го побараме со тебе.
2. Возљубената: Мојот возљубен отиде во градината своја, во ароматните цветници, за да пасе во градината и да бере кринови.
3. Јас му припаѓам на мојот возљубен, а мојот возљубен мене; тој пасе меѓу криновите.
4. Возљубениот: Убава си, мила моја, како Тирса, прекрасна – привлечна како Ерусалим, страшна како војска со знамиња.
5. Тргни ги очите од мене, зашто ме збунуваат.
6. Косата ти е како стадо кози, кога слегуваат од Галад; забите ти се како стадо овци, кога излегуваат од капење, од кое секоја е со по две јагниња, и јалова меѓу нив нема,
7. твоите образи под превезот твој се како две половинки од калинка.
8. Има шеесет царици, осумдесет наложници и безброј моми,
9. но единствена е таа, гулабицата моја, совршената моја; единствена е таа на мајка си, избрана кај родителката своја. Ја видоа момите, и ја возвеличија, ја видоа и цариците возљубената, и ја пофалија.
10. Хорот: „Која е таа, што болска како зора, убава како месечина, светла како сонце, страшна како војска со знамиња?”
11. Слегов во ореовата градина да погледнам зелена долина, да видам дали се развила лозата, дали процутеле калинките. Таму ќе ти ги дадам усните мои.
12. Не знам, како душата да ме влече кон колите на големците од мојот народ.
7. Разговор меѓу пријателот и пријателката
1. Хорот: Сврти се, сврти се Суламко, сврти се, сврти се, да те погледаме! Возљубениот: Зошто сакате да ја гледате Суламка, како на оро манаимско?
2. Хорот: О, колку се убави нозете твои во сандали, ќерко знаменита! Облите колкови твои се како веришки, дело од рацете на вешт уметник,
3. папокот ти е како чаша тркалезна, никогаш без арома; утробата твоја – купа пченица, опкружена со кринови;
4. двете твои гради – како две јаренца, како близначиња на срна;
5. Вратот твој – како столб од слонова коска; очите твои – Есевонски езерца кај Ватравимските порти; носот твој – Ливанска кула, свртена кон Дамаск;
6. главата твоја на тебе – како Кармил; а косата на главата твоја – како пурпур; цар се вплел во плетенките.
7. Возљубениот: О, колку си убава, о, колку заносна, возљубена моја, со твојата убавина!
8. Таа твоја снага прилега на палма, а твоите гради – на гроздови.
9. Си помислив: да се качев на палма, би се фатил за ветките нејзини; и твоите гради би биле место гроздови, и мирисот од твоите ноздри – како мирис на јаболко;
10. устата твоја е како најдобро вино. Возљубената: Тоа тече право кон возљубениот мој, и тече нечујно преку устните кои спијат.
11. Јас припаѓам на возљубениот мој, и тој копнее по мене.
12. Дојди, мил мој, да излеземе во полето, да преноќеваме по селата;
13. утре рано ќе појдеме во лозјата, да видиме дали потерала лозата, дали се отвориле пупките, процутеле ли калинките; таму ќе те опсипам со милувања.
14. Мандрагорите веќе шират пријатен мирис, и до вратата наша има секакви најубави плодови, нови и стари; кои ги зачував за тебе, мил мој!
8. Верноста на вечно соединетите
1. О, да ми беше брат мој, да беше хранет од градите на мајка ми! Тогаш, кога ќе те сретнев на улица, ќе сакав да те бакнам, и немаше да ме осудуваат.
2. Би сакала да те поведам, сакав да те воведам во одајата на мајка ми, во онаа каде што ме одгледала. Ти ќе ме учеше, а јас, пак, ќе те поев со ароматно вино, со сок од моите калинки.
3. Левата рака негова е под главата моја, а со десната ме прегрнува.
4. Возљубениот: Ве заколнувам, ќерки ерусалимски, зошто да ја разбудувате и зошто да ја вознемирувате возљубената, сè додека сама не посака?!
5. Хорот: Која е таа, што доаѓа од пустињата, потпирајќи се на својот возљубен? Возљубениот: Те разбудив јас под јаболкницата: таму те родила мајка ти твоја, таму те добила твојата родителка.
6. положи ме како печат на срцето свое, како печат на мишката своја, зашто љубовта е силна како смрт; љубомората – лута како пекол; стрелите нејзини се стрели огнени; огнен жар на нејзиниот пламен.
7. Големата вода не може да ја угасне љубовта, и реки нема да ја потопат. Ако некој го дадеше сето богатство на својот дом за љубов, тој би бил отфрлен со презир.
8. Хорот: Имаме сестра, која е уште мала: уште нема гради; што ќе правиме со сестрата наша, ако дојдат по неа сватови?
9. Да беше карпа, ќе изградевме врз неа и дворци од сребро; да беше врата, ќе ја обложевме со кедрови штици.
10. Возљубената: Јас сум карпа и имам гради како кула; затоа во очите негови јас станав како онаа што нашла мир.
11. Хорот: Соломон имаше лозје во Ваал-Хамон; тој им го предаде тоа лозје на чувари; секој беше должен да даде за плодовите негови илјада сребреници.
12. Возљубената: А моето лозје си е кај мене. Илјадата нека се за тебе, Соломоне, а двесте – за чуварите на плодовите негови.
13. Возљубениот: Жителко на градините, другарите го слушаат гласот твој. Дај и јас да го послушам.
14. Возљубената: Побрзај мил мој, и биди како срна и како еленче по гори мирисни!
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.