Мај, 2020
Го слушам црцорењето на птиците од удобноста на мојот дом и низ прозорот ги набљудувам празните улици. Ги испразнивме како никогаш досега, повремено може да се види некоја кола, и уличен пес кој збунето се движи по асфалтот. Оваа пролет сè е така различно, а сепак исто. Сонцето продолжува да изгрева секогаш во исто време, птиците ја пеат нивната весела симфонија, а ние сме збунети и веќе навикнати на останувањето дома. Се трудиме со кратки прошетки или на балконите да ги украдеме последните сончеви зраци, колку нашата кожа да не заборави што значи свеж воздух и да впие витамин де.
Парковите се испразнети, дворовите главно место за излез на среќниците што живеат во куќи. Во последниве три месеци домот го напуштаме само по потреба, барем тоа го прават совесните и одговорни луѓе. Кога се грижиме за нашето здравје, со тоа се грижиме и за туѓото. Нашата пролет е поразлична од сите претходни, но со некоја цел. Верувам дека досега веќе научивме да ги цениме нештата што ги имаме, ако тоа не сме го правеле претходно. Денес, кога луксуз е да излезеш на прошетка без страв дека можеш да бидеш заразен, кога не можеш да ги видиш пријателите и роднините како претходно и мора да почитуваш одредени заштитни мерки, повеќе и од јасно е дека ништо веќе нема да биде исто.
Ова не треба да нè плаши, бидејќи ниту ние луѓето нема да бидеме исти. Оваа пролет е во знакот на промените, во секоја смисла. Не ме загрижува ограниченоста на движењето колку нетрпеливоста на луѓето. Велам, пак ќе дојде друга пролет, пак ќе можеме да се движиме слободно. Само потребно е трпение и да им дозволиме на промените да се случат. Моето трпение ми вели дека ќе треба да се навикнам на сè што биде. Му одговарам потврдно и со мало чувство на неизвесност. Нешто ми вели дека сè ќе биде добро. Дека потребно е да го извлечеме максимумот од целата ситуација. Време е пролетта да ја доживееме на наш начин.
Квалитетно поминато време со сам себе, со сопствените мисли и борба со сопствените демони. Речиси на сите оваа пролет ќе ни помине слично, да не речам исто. Заедно сме во ова со сите останати луѓе во цел свет. Кога планетата Земја е на групна рехабилитација таа испраќа моќна порака до сите. Време е да се пробуди човештвото, доста беше сонување бесцелно. Кога сè мораше да забави бидејќи сите бевме во некаква трка, со времето, со самите себе, со сè околу нас, забавуваме и ние.
Кога сакавме да бидеме чекор пред сите, или чекор понапред, неизбежно беше да се случи овој застој. Велам неизбежно зошто сакам да верувам дека е за општо добро. Зарем требаше да се случи ова што се случи за да се свртиме кон себе и да почнеме да ги цениме секојдневните нешта кои сега делуваат многу важни? Се случува тоа што треба да се случи. Ако не успеавме да научиме барем една важна животна лекција, тогаш не ни заслужуваме подобра и поинаква пролет од оваа.
Знам дека длабоко во себе секој посакува да му грее сонце во душата, а јас велам на секој добар човек нека му се оствари оваа желба. Да се обидеме едни на други да бидеме светло во најтемните моменти. Нашата пролет е само наша, и неповторлива. Следната нека биде поубава, нека свети сонцето уште посилно, мелодијата на птиците нека биде уште посилна.
Што останува друго? Да ни цути вечна пролет во срцата, и секогаш да ни е топло во душата без оглед на кој крај од светот се наоѓаме. Бидејќи сите сме привремени гости на оваа планета, да се обидеме да ја направиме подобро место за живеење на идните генерации.
Наталија Наумовска
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.