Skip to content

На денешен ден е роден Гане Тодоровски

Гане Тодоровски – поет, преведувач, есеист, литературен критичар, историчар, публицист. Роден е на 11 мај 1929 година во Скопје. Починал на 22 мај 2010 година. Автор е на книгите поезија: Во утрините (1951), Тревожни звуци (1953), Спокоен чекор (1956), Божилак (1960), Апотеоза на делникот (1964), Горчливи голтки непремолк (1970), Снеубавен ден (1974), Скопјани (1981), Неволици, неверици, несоници (1987), Недостижна (1995), Осамен патник (поезија на англиски, 1996).

Автор е и на повеќе книги литературни записи (есеи, критики, огледи) и тоа: Претходниците на Мисирков (1968), Трактати за сонцељубивите (1974), Веда Словена (1979), Маѓепсан мегдан (1979), Подалеку од занесот, поблизу до болот (1983), Со збор кон зборот (1985), Поход кон Хеликон (1987), Неодложни љубопитства (1987) Книга нашинска сиреч славјанска (1989).

Ги составил антологиите: Песната – храброст (1975), Австриската поезија на ХХ век (1982), и други, а како коавтор ги приредил антологиите: Словенечки поети (1956), Езерска земја (1967), Правостоина (современи поети од албанската народност во Југославија, 1968), Нова хрватска поезија (1973), Современа хрватска поезија(1981). Добитник е на наградите: „Кочо Рацин“, „11 Октомври“, „13 Ноември“, „Браќа Миладиновци“, „Климент Охридски“, „Гоце Делчев“, „Димитар Митрев“, наградата за книжевен опус на „Мисла“ и на преведувачките награди „Григор Прличев“, „Кирил Пејчиновиќ“ и „Златно перо“.

За Гане Тодоровски, Луан Старова рекол: „Нашиот Гане се вреднува меѓу доминантните личности во балканските, но и дел од европските книжевности и култури, со испрекинат континуитет и задоцнети ренесанси, кои со нивната исклучителна творечка мисија, речиси сами го носат митот на континуитетот, драмата на обновата. Сведоштво за оваа исклучителна мисија, се и овие десет томови, извлечени од големата Ганева библиотека-живот која останува отворена во сите годишни времиња на постоењето.

Гане е верниот и достоен потомок на претскажаното Прличево племе, кое требаше еден ден да стаса и на вистинскиот јазик, на мајчиниот јазик, да ја искаже поетиката на идентитетот и вистината за својот народ. Гане, како никој друг ќе го разбере кодот на јазичниот егзил на Прличев, ќе го преточи генијот на својата уметност“.

Со книжевна активност започнува непосредно по ослободувањето, и тоа во „Нова Македонија“, „Пионерски весник“, „Нов ден“ и др. Претежно се занимава со поезија и препеви. Има издадено повеќе збирки поезија. Се занимава и со критика и есеистика. Бил уредник на книжевните списанија: „Иднина“, „Современост“, „Културен живот“, „Млада литература“, „Разгледи“ и други. Пишува и филмски сценарија, а дебитира со документарниот филм „Проштевање“ (1963), како ко-сценарист.

Во 1951 година станува член на Друштвото на писателите на Македонија, а во два наврати (1969-1971 и 1985-1986) е и негов претседател. Бил претседател и на Советот на Струшките вечери на поезијата (1970-1971) и одговорен уредник на списанието „Млада литература“. Член е на МАНУ од 1997 година. Во 1990 година Тодоровски е избран за прв претседател на Движењето за семакедонска акција МААК. Подоцна е назначен за прв амбасадор на Република Македонија во Руската Федерација.

Во негова чест споделуваме три негови песни:

„Песни за жената“

Жената е… жената е …
Бело маче годиначе,
речна слатка тресопатка,
вита ива миризлива,
мека трева што подгрева,
боцкав венец крај кладенец,
мрава, сешто што преправа,
кревко птице назимниче,
тивка соба во злодоба,
прва љуба до прељуба,
свила што се распостила,
лето в сенка засолнето,
глина полна сончевина,
утро в сина виделина…

2.

Жената е… жената е …
гиздавица, жегавица, кивавица,
лизгавица, лигавица, ждригавица,
брадавица, државица, ракавица,
секавица, плусквица, букавица,
кукавица, валавица, палавица,
рскавица, витлавица, капавица.
брблавица, наздравица, и — лавица!

Жената е… жената е …
Мома грда немаЖЕНА,
мома лична премаЖЕНА,
мома вредна трижмаЖЕНА,
млада вдова натаЖЕНА
пресна плуска раздраЖЕНА,
прва љубов разнеЖЕНА,
доцна вечер поснеЖЕНА,
златна лира обжеЖЕНА,
злост трижклета наеЖЕНА,
жед в сто грла намноЖЕНА,
ѕвезда в дланки доблиЖЕНА,
младост в жили раздвиЖЕНА,
мајка кутра загриЖЕНА,
сказна долга најслоЖЕНА,
жар во искри разлоЖЕНА,
желба в живот продолЖЕНА,
немаштина задолЖЕНА,
моќ со занес воруЖЕНА,
нејаснина опкруЖЕНА,
таа ЖЕНА … ЖЕНА … ЖЕНА!

Жената те… жената те …
загледува, подгледува, надгледува,
завабува, забавува, заграбува,
преграбува, заслабува, доабува.
настрвува, зацрвува, оветвува,
расчувствува, блаженствува, тиранствува,
поседува, последува, проследува,
прославува, исправува, претставува,
прејадува, појадува, дојарува,
подгребува, прегребува, погребува,
досадува, засладува, подмладува,
зацедува, прецедува, доцедува,
у-ва, а-ва, и-ва,„
да е жива! да е жива!

„Глас“

Пак ме сонуваше, нели?
Не реков: не. Не пуштив гласен крик.
Сон си ми, сон си ми, бдеења цели,
секој ден, секој час, секој миг.

Сон биди, сон што ме мами,
сон в денот, ден в сонот, сон будно бладање.
За да се разберам колкав сум самик,
да го зачекорам честакот Човешко Страдање.

Пак ме сонуваше, нели?

Да реков: да, ќе пуштев гласен крик.
Сон си ми, сон си ми, бдеења цели,
сон вечен, вечна недостиг.

„Љубов“

Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе…

Прашинка љубов, прашинка ништотна,
прашинка невидна,
но сепак љубов, сепак љубов.

Дај да те имам во дланкиве
Нетежина, Несетило.
Дај да поверувам дека си во мене,
стуткана некаде во мене.

Милувам прашинка да си,
Тих повеј да ми те донесе…

Како што на пролет цветниците зачнуваат
дај да те заплодам,
за да се родиш во мене
љубов богатница, љубов имовита,
љубов плод љубов надрочен.

Милувам прашинка да си,
тих повеј да ми те донесе…

Но, јас те имам немаштино
најтрајна недостиг,
најблиска недофат,
најголем недорек,
па место грижата за тебе
поначесто сум доволен од себеси.

Напишете коментар