Анастазија: Има помалку души одошто луѓе. Го знаете ли тоа? Има повеќе тела одошто души. Па една душа опслужува повеќе тела. Душите се како кучиња. Сакаат да се блиску до господарот. А вам ви е гајле. Ги пуштате да гладуваат, да скитаат неспокојно. (Жив човек)
Една поинаква пролет Уште една поинаква пролет, во расчекор меѓу свесното и несвесното. Изолација на телата, онаа на душите и не е нова состојба. Ковид 19, јасно покажа дека меѓу политиката и здравството нема мост, туку јаз. И дека пред Ковид 19 не сме еднакви, не романтизирајте ја состојбата боејќи ја со национална солидарност. Младоста на мојата генерација е антологија на спомени од многу бурни пролети. Мојата генерација порасна на улиците, низ татнежот на синхронизираните младешки чекори, низ свирките на полициските сирени и лутите свирежи на народот кој револтирано скандира газејќи гo скопскиот асфалт. Мојата генерација растеше брзо. Мојата генерација носеше товар кој требаше да го понесат нашите професори, родители, функционери, политичари.
Киро: Не ме боли газот за народните права, ниту народот ги заслужува, ниту може да ги има, ниту ако ги добие, ќе знае што да прави со нив. (Лет во место)
Никола: А што значи самоубиство? Нас нè повика татковината. Ја зедов пушката и тргнав. Како и татко ми пред мене. Имам вера во Бога. Имам вера во власта. (Екс-ју)
Мојата генерација растеше со товарот да суди со сопствен суд, да носи одлуки врз основа на она што се наметнува и она што се потиснува, да реши дали системот е тука за народот или народот го гради системот. За револуциите не учевме читајќи за Че Гевара или Мартин Лутер Кинг, тука ги чувствувавме, ги учевме низ бунт и некаков вид на анархија на младиот студентски дух, наспроти оковите во кои ги држат генерациите без право на избор.
Јаков: Ѕидот во вашата глава. Одбивам да сум жив по инерција, да дишам на шкрги. Одбивам да чекам како јаре пред Ѓурѓовден, како свиња пред Божиќ. Одбивам да шетам со цревата во раце, да гледам како нестручно ме оперирате, сечете и шиете, како ми гнојат раните и да се прашувам колку ли ќе ме боли кога ќе дојдам на себе. Не сакам седативи. Не сум купче протоплазма. Имам волја и разум и ја преземам одговорноста за својот живот. (Дупло дно)
Ја потценувате свеста на младите умови кои никогаш нема да се согласат и усогласат со профитерската моќ на власта. Учевме низ борба, револуцијата ја чувствувавме веејќи знамиња на студентски пленуми, врзувајќи црвени шамии на надлактиците, скандирајќи и борејќи се против неправдата на возрасните, против неправдата од медиумите кои редовно лажеа за нашата присутност. Но, кој е посилен двигател на револуцијата од студентите? Ако секоја генерација има своја колективна меморија, своја колективна свест, тогаш нашата е ризница на промени и движења. Архива на разочарувања. Генерација на која децата и побегнаа. Половина од другарите со кои игравме фудбал во маало ги нема, ни ги одзема вашата децениска неспособност. Ги избркавте на запад, приморани да бираат меѓу семејствата и иднината. Ние сме вашата апатична младина. Нешто слично на апатијата цврсто врзана за свеста на младиот ум, која се привлекува низ драмите на Горан Стефановски.
Цибра: Иднината никако да дојде, минатото никако да си отиде, а ние овде глумиме сегашност. (Тетовирани души)
Јована Јаневска