Оноре де Балзак, (20 мај 1799 – 18 август 1850), француски писател, новинар, драматург, литературен критичар, уметнички критичар, есеист. Тој зад себе остави импозантно литературно дело со повеќе од деведесет романи и раскази. Тие биле напишани и објавени во периодот од 1829 до 1855 г., а собрани под заеднички наслов „Човечка комедија“.
Се смета за мајстор на францускиот роман, писател кој обработил различни литературни жанрови почнувајќи со филозофскиот роман „Ремек дело од непознат автор“, фантастичниот роман „Шагринска кожа“ па сè до поетскиот роман „Моминска солза“. Особено се истакнува во пишување на реалистички романи, меѓу кои се издвојуваат „Чичко Горио“ и „Евгенија Гранде“. Балзак е писател кој поседува визионерски реализам, кој ја надминува моќта на неговата креативна имагинација.
Како што објаснува во неговиот предговор од неговиот голем проект „Човечка комедија“, тој сака да ги идентификува „социјалните видови“ од неговото време, слично на животинските видови кои веќе биле идентификувани. Ги открил романите на Волтер Скот кои извршиле огромно влијание врз него. Во нив открива дека романот може да достигне „филозофска вредност“. Така се одлучува да ги истражи различните општествени класи и поединците кои истите ги сочинуваат, со цел „да ја напише историјата заборавена од толку многу историчари, обичаите од неговото време и натпреварот меѓу луѓето за повисок социјален статус. “
Создал галерија од две илјади книжевни ликови
Во неговата богата галерија од две илјади книжевни ликови се јавуваат пропаднати благородници,декларирани достоинственици на бонапартистичко царство, несреќни љубовници,, налудничави скржавци, вешти деловни луѓе од новото опшество, пропаднати кариеристи, авантуристи, собари, собарки, декларирани чиновници, адвокати, попови, новинари, провинциски госпоѓици, нови богаташи, робијаши, офицери, војници, селани итн.
Неговото дело е тесно поврзано со неговиот приватен живот. Често ги изненадувал своите современици со неговиот незапрлив апетит за жени, слава, репутација, титули, вино и гозби. Имал забранета љубовна врска со писателката Марија де Френе, која имала 24 години. Марија била во брак со градоначалникот на Сартрувил Шарл ди Френe, многу постар од неа.
Во една писмо до неговата сестра, Балзак напишал дека Марија била бремена со негово дете. Во 1834 година, осум месеци по писмото, се родила Марија Каролина ди Френe. Подоцна се покажало дека ликот Марија од Евгенија Гранде бил олицетворение на вонбрачната ќерка на Балзак.
Автор кој го препородил и обновил романот
Со право, Балзак може да се нарече творец на современиот роман, којшто пред него бил сметан за понизок книжевен род. Тој го препородил и обновил романот, му ги проширил методите и му дал огромно пространство и неверојатна разновидност, со што целосно ги засенил другите книжевни родови.
Балзак имал обичај да спие од осум часот навечер до еден или два часот по полноќ, а потоа седнувал да пишува до шест часот наутро, а некогаш дури и подолго. Тој пишувал релативно брзо. Брзината со која се напишани дел од неговите романи со перо, соодветствува на 30 зборови во минута на машина за чукање.
Во писмата упатени до грофицата Ханска, неговата сопруга, отсликувајќи ја макотрпната работа, Балзак напишал: „Последната седмица сум спиел сè на сè десет часа“; „Дваесет и шест дена не сум излегол од работната соба. Спиев само по четири часа.“; „Работам по дваесет часа без прекин.“; „Знаете ли колку ноќи не сум спиел? Четириесет и две. “
Таквиот начин на живот придонел да почине млад, во тотална агонија и истоштеност на 51 годишна возраст. Балзак влијаел многу како врз писателите од негово време така и врз подоцнежните. Коментирајќи го Балзаковиот приказ на општеството, каде парите, социјалниот статус, и личните амбиции биле водечки мотиви, филозофот Фридрих Енгелс кажал дека тој повеќе научил од Балзак отколку од сите историчари и економисти заедно.
Сигурни сме дека сте прочитале барем едно од неговите генијални дела. Ако не сте успеале досега, време е!
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.