Венеција е лицето, но Верона е душата. Чекорам по калдрмите на историскиот град, ги допирам розовите ноќници кои се плетат низ камењата. Мириса на кроасани и утринско кафе. Ја фотографирам братучетка ми Ангела на влезот од дворецот на Јулија, гледајќи го балконот од стиховите на Шекспир. Чувствувајќи ја љубовта на Ромео низ сите нескромни крици на големиот писец. Додека сите ги пишуваат своите писма до Јулија, додека детски си ветуваат вечна љубов заклучувајќи катанци на портите, пред високите ѕидини на дворецот здогледав стара италијанска уметница. Бела коса, сламена шапка полна бели рози, летна облека и плетена наметка. Стара убава жена, сокриена зад големите платна.
Едни се потпираат на ѕидот, други гордо стојат на дрвените штафелаи. Чудно е како духовите не стареат истовремено со телата. Млади тела, стари души, стари тела, млади духови. Стојам фасцинирана од животот кој кружи околу старата уметница, од нејзината насмевка и љубезност, од нејзината љубов кон уличните кучиња кои ѝ се радуваат. На секое платно има по една балерина. Една од нив, се протегнува рано наутро вежбајќи до големите прозорци од дневната соба. Истата и денес гордо стои на десниот ѕид од мојата соба, како спомен од калдрмените улици на Верона, како спомен од старата ведра уметница.
Јована Јаневска