Skip to content

Енергетски вампири – Софија Петковска

  • by

Комарци.

Ах, тие бедни, црни заморчиња.

Сите – загрижени за комарците.

Комарците ви ја цицаат крвта,

ви го уништуваат телото,

по рацете лузни прават кои чешаат и печат.

Рана прават.

Ама поминува.

Ќе си ставиш крем купен од аптека,

ќе си се триеш на местото на убодот со кора од банана оти некој ти рекол дека тоа е лекот,

И поминува.

За час поминува.

А ако си храбар,

и ако носот на етил осетлив не ти е,

ќе го земеш и шишето ракија од дома , она,

кое го чуваш само за ,,живели” на слави

и на погреби ,,лесна му земја” да кажеш

или кое само за масажа го чуваш при високи температури и настин,

па така на убодот ќе си ставиш,

за тегобноста да ја расквасиш и да видиш аир од денот.

Комарци.

Црни и гнасни заморчиња.

Од кои може и да се заштитиш.

Како голман кој голот го штити.

Како витез со меч и штит.

Да, може да се заштитиме пред време од нивната пакоштина.

Со лимон.

Со крем.

Со босилек.

Со разни други бабини деветини

и магии и триста чуда и врагови.

Ама што правиме со големите комарци?

Како што вели Крсте, во Македонцките работи: Шчо напраифме?

Како ли, ајде како ли

да се спасиме од големите комарци?

Како ли да избегаме од енергетските вампири кои душата ни ја ставаат на кол?

Како ли да се спасиме?

Има ли мелем кој срцето ќе го зацели?

Има ли иљач кој душата може

ко со кандило да ни ја закади та ќе не просветли и ослободи од чемер и јад?

Има ли лек и спас од луѓето-не луѓе?

А што ли да се прави кога болката ќе помине, та само празнина се гледа?

Што кога тие луѓето, исцицале се’ од тебе:

и спомени,

и планови,

и лоши и убави мигови?

И што кога само својот глас го слушаш,

како ехо во тунелот на својата душа,

душа која бара светлина во мракот на своето претходно себепостоење?

Во таквите мигови само за Бога можеш да се фатиш

како слепиот што за стап се фаќа,

како боемот што за чаша вино душа дава.

И се молиш.

Оти што и да било молитвата тука била.

Оти што и да биде тука ќе е.

За да те охрабри.

За да сфатиш дека не си сам.

За да ти ја воскресне душата и желбата за живот.

За да доживееш ренесанса.

И тогаш,

во теминината на летната ноќ,

комарец слушаш зуи.

И сфаќаш дека е точка во вителот наречен живот.

Автор: Софија Петковска

Напишете коментар