На бучниот булевар започна еден од највеличествените панаѓури кои дотогаш се одржале. Се одржуваше празникот на Сретение Господово и сите брзаа да ги стават своите стоки кои ги довеле од другите градови во Франција. Жан здогледа еден млад трговец, германски златар кој ги нудеше своите прекрасни креации на парижаните донесени директно од Нимберг. Толку многу ги сакаше благородните метали, но и нивната перцепција беше како чувство кое го доживуваше на свој посебен начин.
-Па нели секој предмет го доживуваме поинаку? – се подзамисли Жан, па така овој предмет за него претставуваше одредена екстаза, некаков премин од жива во нежива природа. Црвениот корал се разлистуваше и се издигнуваше нагоре небарe сакаше да каже дека не припаѓа таму со материјата злато, зошто тој е духовен, поживотен и изгледаше како да се заглавил таму.
-Ќе и се допадне на Џулиета – си помисли.
Отиде кај младиот трговец и ја погледна статуетката чијшто лик изгледа исплашено, тој мермерен замрзнат поглед остана втренчен во очите на Жан. Ете и предметите имаат душа. Имаат поглед кој останува да ве прогонува каде и да одите.
-Може ли да ја видам статуетката? – го праша младиот трговец.
-Се разбира, но само внимавајте, кршлива е – одговори тој.
-Без грижа – рече Жан.
Кога ја фати во своите раце, знаеше дека мора да ја купи зошто такво ремек дело не смееше да се пропушти. Беше занесен од коралната боја која делуваше толку егзотично и лесно се впиваше во златото од кое беше направена женската фигура која се излистуваше во корални гранки.
-Навистина е посебна и убава, ќе ја земам – рече Жан.
-Колку треба да ви дадам за неа? – го запраша трговецот кој нестрпливо чекаше да му ја продаде.
-Три ливри – одговори тој.
Жан секогаш математички пресметуваше колку пари му се потребни за живот и знаеше дека ако ја купи нема да може да го преживее месецот. Но, се потсети дека секогаш тука се за него неговите пријатели кои го згрижуваа, посебно Џулиета која се грижеше за него и го прифати како семејство.
– Навистина ја заслужува – си помисли.
-Ја земам – му рече на трговецот и му подаде три ливри кои му ѕвечкаа во џебот. Со забрзан чекор замина кај Џулиета која го чекаше веќе половина час.
-Подобар си? – го праша. – Синоќа ме исплаши кога ми кажа дека имаш болки.
-Да, благодарам, денес ми е подобро. Толку многу се грижиш за мене, не знам како да ти се заблагодарам. Знаеш, цело време мислам да те изненадам, но со оглед на мојата финанска состојба не можам да си дозволам многу, но ете, денес не можев да оддолеам.
-Ох, колку е прекрасно. Личи на некоја божица, никогаш не сум добила ваков подарок.
-Да, и јас така мислам, но, ќе го прашаме г-динот Дидро, можеби ќе знае нешто повеќе.
Џулиета задоволна што доби прекрасен подарок го стави над каминот каде ќе може секој ден да го гледа и можеби ќе и биде и инспирација за писмата кои тајно ги пишуваше. Секоја ноќ пред да заспие добиваше некоја инспирација и се прашуваше дали можеби блискоста и долгите разговори со нејзините пријатели ја тераат да си ја исплаче душата или нејзината прикриена страст кон пишувањето беше посилна од сѐ.
Го немаше видено Жак веќе неколку денови кога беше гостин на нејзината забава и не знаеше кога повторно ќе го види, но вечерва пак ќе му напише писмо, ќе му каже дека неговиот возвишен дух е единствен, облагодарен , дека неговата јуначка сила ќе им донесе победа и секако ќе се заблагодари за неговата посета на забавата и можеби тој ќе ѝ одговори, чисто од учтивост.
Жан беше тука, постојано беше тука, секојдневно, но тој никогаш не бил нејзина инспирација, можеби дека се напрегаше да и удоволи, таа знаеше дека притаено му се допаѓа. И чудно еве и поклонот што ѝ го даде нема да ја инспирира да му напише нешто нему. Можеби и ќе напише нешто, но нема да биде со таа страст и топлина, ќе биде писмо адресирано до пријател, ништо повеќе.
Г-динот Дидро ретко навраќаше кај нив, пишуваше постојано и немаше време за салонот и за долгите разговори на оние кои често таму навратуваа. Но, еве оваа статуетка ќе биде повод да дојде и да ја види и да помуабетат за неа, за оваа жива материја, за овој замрзнат поглед кој не оставаше никого рамнодушен.
Жан излезе да го викне Г-динот Дидро и се задржа повеќе од што требаше. Џулиета чувствуваше некое посебно задоволство од вниманието кое ѝ го посвети. Беше возбудена за денешниот разговор и средбата со Фонтенел и Мадам де Стал. И нареди на слугинката да се спреми за денешните гости. Сирењето бри и виното беа секогаш дел од нивната трпеза. Кога се појави Жан на вратата веќе се беше стемнило, денот беше краток. Беше ладно и Џулиета се прашуваше дали да си легне порано, и исто како да се стопли повеќе собата на Жан која беше под нејзината и беше многу ладно таа зима а со оглед на нежното здравје на Жан требаше да биде потопла.
-Жан каде е Дидро?
-Еве го доаѓа, само да плати на кочијашот.
-Ах, еве го… Да Ве поздравам г-дине Дидро, не сум Ве видела долго време. Се надевам дека сте добро.
-Не сум г-це Џулиета, чувствувам еден немир кој сега уште повеќе се зголемува. Хелветиус објавил ново дело „ За духот“. Парламентот на Париз започнува со истрага со сите книги кои го реметат јавниот ред, моралот на граѓаните и набргу ќе почнат и со Енциклопедијата.
-Многу ми е жал што го слушам ова.
-Не знам што ќе правиме Г-дине Дидро, ова станува сериозно. Многу ме плаши сето ова. Ригорозни се и имам некое претчувство дека ќе не осудат.
-Јас не се предавам, ќе одам до крај. Никој не може да ме сопре да го сопрам овој мој ангажман. Го работам ова цел живот и ќе го работам и понатаму. Неколку пати се обидоа да не нападнат, но ние опстоивме.
-Г-дине Дидро се восхитувам на Вашата издржливост – одговори накратко Жан знаејќи дека нема да може уште многу да го издржи притисокот.
-Да, впрочем, не ве прашав како сте вие г-це Џулиета? И се разбира Вие г-дине Жан?
-Ние еве добри. Почна и панаѓурот денес и Жан не можел да одолее на една многу убава статуетка која чинам е некоја божица. Знаеме дека добро ја проучи античката митологија и би сакале да те прашаме, што мислиш за статуеткава?
-Прекрасна е. Од каде е?
-Не знам Жан ми ја даде и ме воодушеви. Одма сакав да дознам нешто повеќе и му предложив да те викне. Извини што те вознемируваме, знаеме дека си зафатен и работиш, но еве статуеткава е толку прекрасна и моравме да те повикаме.
-Добро, да ми требаше малку отпочинок. Многу работам и почнува да се плашам. За првпат во животот ме фаќа страв дека може да нѐ уништат.
-Не, тоа нема да се случи, г-дине Дидро. Сигурна сум а и Жан е прилично сигурен дека целиот овој процес добро ќе заврши.
-Да, и ќе дојдеш да прославиме заедно.
-Се надевам дека тоа ќе биде наскоро. Да ја видам подобро статуеткава. Многу е интересен материјалот и обработката. Мислам дека е изработена некаде надвор.
-Да во право си, ја купив од еден германски трговец од Нимберг денес на локалниот панаѓур.
-Чудно како вакво дело се продава на панаѓур. Мора да се работи за нешто сомнително. Но, не сакам да должам, овде несомнено се работи за дело на познат мајстор, кој преточил една многу убава легенда во статуетка. Напишав една убава статија во Енциклопедијата за Ладон, кој се споменува како татко на оваа несреќна нимфа.
-Нимфа, г-дине Дидро, можете да ни објасните повеќе за нив?
-Да, тоа се божици од понизок ред кои се често споменувани во старо-грчката митологија. Биле опишувани како смртни и често влегувале во брак со патријархални водачи.
-Дали и Дафне била жена на некој водач?
-Не, таа пленела со својата убавина, но ги одбивала сите додворувачи и на крај богот Аполон се заљубил во неа толку страсно што постојано ја следел и таа знаела дека тој ќе ја оствари таа желба да стане негова. Сакала да остане девица, зошто била придружничка на Артемида. Го замолила татка си да ја спаси, а тој ја претворил во ловор.
-Сакаш да кажеш дека овие гранки од корал се во суштина разгранет ловор?
-Да, и ова е маестрална изработка.
-Добро, значи Дафне е во моите раце. Колку само потсетува на мене. Жан, си одбрал поклон како создаден за мене. Јас, која бегам од погледите на оние кои постојано ми се додворуваат и не успеав да бидам лице во лице со оние кои ме љубат, сама сум во овие очајни денови и само се прашувам дали ќе се разгранам на Земјата или брзо ќе одам на небото?
-Верувам дека твоето дрво ќе остави доволно плодови и секако нашите дела за кои се жртвувавме ќе бидат инспирација за идните генерации и ќе бидат читани исто како и легендата за Дафне.
-Да се надеваме….рече Џулиета и отиде во својата соба да се подготви за другите гости кои со нетрпение ги очекуваше.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.