Не срами се од раните на твојата душа

Секој човек има делови во својата душа што ги штити со огромна храброст исто како што мајката е подготвена во секој миг да го заштити своето дете. Така и ние ги штитиме нашите емоции како наше дете. Понекогаш ги заклучуваме во подрумот на безгрижноста бидејќи само така не можат да ги повредат. Внимаваме на кого го даваме клучот од тој подрум. Затоа градиме тврдини околу нас и оставаме на времето да покаже кој ќе ги прескокне, кој ќе се обиде на таков чекор.

Само ти ги знаеш солзите на душата и раните кои ги криеш од сите бидејќи, нели ние сепак живееме во еден свет каде покажувањето на раните е една голема слабост и голем срам. Светот е оној кој ни забранува да ги покажеме, велејќи ни дека во тој случај би се срамеле од себеси. А од кога човекот треба да се срами од своите рани? Каде се наоѓа ова всушност незапишано, лекомислено правило? Има ли некој безгрешен, некој што не го боли душата во одредени мигови? Некој што не плаче по одредени спомени, некој што не крвари над некоја болка?

Треба гордо да покажеме каде боли. Не е срамота да бидеш повреден. Воопшто не е срамота да кажеш дека имаш минато кое те убива секој пат кога ќе се вгнезди во мислите некој спомен. Истовремено, знаеш дека нема ништо поболно и ништо посреќно од еден црно-бел спомен. Верувај дека дури и оние што прекоруваат имаат рани на нивното битие. Но ќе ти откријам една тајна. Тие ќе покажат заби и ќе ти дадат црвена лента да ги преврзеш твоите рани само за да замолчиш. Бидејќи во спротивно сè повеќе го храниш нивното раскапано его.

Ќе ти кажат дека треба да молчиш, ќе го стават прстот на твоите усни, но не ги слушај. Тие се првите кои сакаат да проговорат за своите рани но немаат храброст, та затоа сакаат и тебе да те воведат во таа лудница каде се кријат и самите. Луѓето го презираат она што не можат да го направат. Така ќе те презираат и тебе, но ти сепак ќе се спасиш од она што те повредува ако проговориш, а тие? Тие уште долго време ќе се сожалуваат себеси. Те охрабувам да го слушаш срцето. Види, и јас го слушам моето срце и верувај дека тоа не греши. Само слушај си го срцето читателу и биди храбар кога ја искачуваш планината на животот.

Викторија Саздовска

close

Дали сакаш во твоето сандаче да стигнуваат
најпосетуваните статии на блогот
на крајот од секоја недела?