Литература Проза

Хорот на кучињата

28.4.2020

Четириесет дена или можеби повеќе откако се појави невидливиот непријател што нè принуди да седиме дома, не ни ги бројам повеќе деновите. Бројката не е воопшто важна, а не и баш дека сме принудени, но заштитните мерки се јасни. Барем така е правилно. Всушност, што е правилно, а што не денеска? Многу е дискутабилно, признавам. Да се биде самосвесен, одговорен граѓанин, а грижата за своето и туѓото здравје да ти биде на прво место. Е ова беше најправилно во последниве два и пол месеца, а и понатаму ќе биде така. Во минатото постоеле колерата, чумата, сифилис и други заразни и смртоносни болести, ние во 21 век сме сведоци и го живееме времето на владеењето на короната. Пред да дојде таа владееше брзиот живот, трчањето на сите страни, за да се стигне секаде, да се престигне, да се биде во чекор во сè и чекор понапред од сите, или барем од противникот. Брзавме за многу работи, да не речам бевме побрзи од животот. Никој не може да го престигне него. Со појавата на невидливиот заеднички непријател речиси во цел свет, моравме да запреме, немавме подобар избор. Водевме битка со нешто што не можеме да го видиме, а уште го правиме тоа. Почнавме да се сомневаме дури и во воздухот, дека главниот начин на пренос се случува токму преку аерокапоков пат.
Кога порано некој ќе кивне – му се викаше „на здравје“, а кога денес некој ќе кивне пред повеќе луѓе, сите се тргаат настрана и го гледаат како да сторил кривично дело. Научивме како правилно се мијат рацете (не дека не знаевме), како да држиме физичка дистанца едни од други во јавни места, при посета на маркети, банки и слично.
Всушност многу други работи научивме изминатиов период. На идните генерации после некои дваесет-триесет години кога ова ќе се прераскажува како приказна, ќе им се чини интересно и невообичаено. Никогаш не сум доживеала нешто слично на ова во моите скромни нецели три децении живот. Ниту моите паметат да имало вонредна состојба и карантин. Но, за се постои првпат, нели? Токму поради ова само се покажува сериозноста на целата ситуација. Уште сега знам како ќе ги филуваме приказните што ќе им ги раскажуваме на внуците. Ќе се претставуваме како херои што ја победиле битката со страшниот и смртоносен непријател, седејќи дома. Можеби ќе мислат дека ги лажеме, но интернетот ќе сведочи за сè што се случува сега. Сведоци сме на едно време (дигитална ера) кое забрзано оди напред. Каде ќе стигнеме, ни самите не сме сигурни.
Неизвесноста лебди во воздухот повеќе од било кога.
Едно е сигурно: мораме да ја победиме оваа тешка битка. Некои потклекнаа за жал, ѝ се препуштија на темната страна на заразата и заминаа во вечен сон. Седам, го пишувам ова во удобноста на мојот дом и си размислувам како сме ние среќни што сме здрави, што имаме покрив над глава и сме со своите најблиски. Некои го немаат овој луксуз. Најлесната работа што се бара од нас – да останеме дома, за некого испадна најтешка. Како може на сопственото живеалиште да се гледа како на затвор? Со сите предности и поволности што се имаат на располагање, несомнено е дека нема простор за поплаки.
Не смее да постојат жалби, не барем пред оние кои изгубиле некого во оваа невидлива војна. Додека ги пишувам овие редови непрекинато размислувам.
Толку многу ми доаѓа да напишам, сепак ги бирам зборовите. Стивен Кинг во „Д стенд“ речиси и го предвидел ова во една негова книга, т.е. пишувал за слична зараза со вакви исходи уште во крајот на дваесетти век. Човекот ни е современик и жали што неговиот ракопис како да се одигрува на големо платно, но во филм наречен „реалност“ каде што главни јунаци сме сите ние. Не сакам да има реприза од овој хорор. Исто така сакам колку што е можно да заврши побрзо, со најмалку штети и последици. Некогаш си мислам дека ова е еден колективен лош сон – кошмар од кој наскоро треба сите заеднички да се разбудиме. После се сеќавам на Ками и на неговата „Чума“. Од неизбежното нема бегање, но некогаш е толку неправедно! Неправедно е кога има неприродно згаснат живот.
Нашата природа ни вели да се бориме, да издржиме, да бидеме силни, да се заштитиме. Деновиве во карантин речиси и да нема човек кој не ја сфати важноста на слободното движење, и дека ништо не треба да земаме здраво за готово. Сега повеќе од никогаш сфаќаме дека сите сме привремени гости на оваа планета, на која ѝ требаше мала пауза. Застој. Целата Земја беше на рехабилитација, мораше да одмори малку од нас.
Да се врати во својот нормален тек, за да може да нè издржи. Изгледа многу ѝ натежнувавме, па нè прати во своите домови.
Таму пак ни е најтопло, и најбезбедно. Барем мене ми е, а сигурна сум дека и на мнозинството. На сите нас приказните ни се слични, или барем наликуваат една на друга во поголемиот дел од времето. Мојата е едноставна и гласи наслов: „Хорот на кучињата“. Еве и зошто. Навикната на градската бука речиси од секоја соба од мојот дом, и звукот што е предизвикан од сообраќајот кој беше неизбежно да се слуша, одеднаш почнав да се навикнувам на тишина. Посебно ми годи вечерната тишина кога сè стивнува, кога ноќта танцува и ѕвезденото небо допринесува за атмосферата небаре прават диско атмосфера.
Во мелодијата на тихувањето пред да го повикам сонот единствен звук што ја придружува истата се групните лаежи на уличните кучиња. Не ми пречи да ги слушам како завиваат, небаре се волци во планина. Токму тоа ми го создава чувството дека сè уште сме поврзани со надворешниот свет. Тие како договорени, секогаш пред и околу полноќ, кога стрелките на часовникот ќе се допрат, го започнуваат хорскиот настап. Тоа е нивниот начин на меѓусебно „комуницирање“ и борба за опстанок. Додека ние внатре се бориме со нашите внатрешни демони, тие надвор бараат начин за да преживеат, немаат друг избор бидејќи улицата е сè што знаат. Можеби во некоја похармонична средина немаше да биде така, но сега им останува тоа, преку хорот да дадат знак дека и тие постојат. Лаењата им се синхронизирани, но со различен тоналитет, како да го вежбале настапот за празните и темни улици. Можеби сето ова е начин за да ги избркаат невидливите лоши сили и закани што висат во воздухот. Или само се грижат за својот опстанок, и пеат, за да може да ги слушне некој ноќен слушател како мене. Што ќе проба да ги разбере, додека имаат ноќна хорска изведба без аплауз и видлива публика.

Наталија Наумовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје