Проза

Каде замина љубовта?

И така дојде крајот на една голема љубов. Замислуваше дека нејзиниот крај ќе биде нешто екстравагантно и декорирано со многу светки. Исполнето со болка, солзи и тарабуки на тагата. Мислеше дека ќе дојдат саксофонистите на сафрата и дека ќе свират, мислеше дека тапаните на разделбата ќе се расчујат насекаде, дека сите ќе знаат дека дошол крај на една толку голема љубов. Но немаше ниту саксофонисти, ниту тапани, ниту последни зборови. Крајот беше запишан во тефтерите на тишината. Ниту очите не беа удостоени за да натежнат од солзи. Само некој камен, како да се струполи на нечие срце. Како малку да почна тоа да крвари во сета таа тишина. Како да се зададе една рана на нечија душа. Немаше ниту премногу разговори. Се кажа дека таа љубов заврши вообичаено, со неколку секојдневни зборови што не навестуваа дека ќе има крај. Не навестуваа дека тие всушност прават погреб на една голема љубов. И другите така дознаа. Ги свртеа главите и продолжија по нивниот пат, како да не сакаа да ја покажат болката што се закотви на нивните измачени лица. Немаше ниту викотници, немаше ниту страдање. Немаше ниту збогум. Не се збогуваа. За последен пат немаше кажани зборови. Последните зборови не беа ништо посебно. Беше нешто вообичаено и секојдневно, но сепак ставија печат на разделбата. На списокот на нејзиното срце се запиша уште една личност со која не се збoгува, а сепак засекогаш се раздели од неа. НО СО ЦЕЛАТА СИЛА ВО НЕА, СО ЦЕЛОТО БИТИЕ ТАА НЕГО ГО ЉУБЕШЕ. Колку што не може човековиот ум да замисли, многу е тешко и болно. Душата гори во најголеми маки. Но сепак. Што да се каже, кога тие сепак не се збогуваа на разделбата… Тоа чувство кога нема последно збогум, остава една празнина во срцата на луѓето. И понатаму не знаеш што да правиш со неа. Не знаеш ниту како да ја објасниш, та ја пополнуваш со зрак на ништожност. Воздивнуваш и тоа е тоа. Без збогувањето, без да се каже последниот збор како чувај се, ти посакувам сè најдобро, ќе ми недостаусваш, се надевам дека ќе се вратиш, те сакам, заминувам затоа што ме повреди. Немаше ништо од тие церемонии. Ниту трага, ниту глас од двете повредени птици кои се судрија во лет и се заљубија еден во друг.

Кога нема збогување, чувствуваш како нешто се кине во тебе. Кинење. Неподносливо.

И така се разделија. Без збогум, сосема тивко. Само знам дека остана една рана на едно срце. Понекогаш таа се чувствува како да е ставена во пеколот, на судни маки. Но сепак се спогоди со животот да ги трпи тие маки, отколку да каже едно збогум. Се согласи на такви маки, но не ги отвори своите усни и не кажа зборови за разделба. Којзнае, можеби се плашеше од тоа.

Тоа беше уште една разделба, кинење на една љубов без прочуеното, но малку употребено збогување.

Автор: Викторија Саздовска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје