Skip to content

На денешен ден е роден Анте Поповски – еден од најзначајните македонски поетски творци

Анте Поповски (Лазарополе, 3. 6. 1931 – Скопје, 1. 10. 2003) e македонски поет, есеист, препејувач, публицист, академик. Основното образование го завршил во родното село, гимназијата во Битола, а Медицинскиот факултет во Скопје, каде што се вработува како асистент.
Извесно време работи како лекар во Дебар, но од 1955 г., кога од печат му излегува првата стихозбирка „Одблесоци“, ја напушта медицината и целосно ѝ се оддава на поезијата.

Член бил на ДПМ (1956) и член на Извршниот совет на Македонија; директор на НИП „Нова Македонија“ и на „Вардар-филм“ во Скопје. Бил потпретседател на Републичката комисија за културни врски со странство, претседател на ДПМ (во два мандата) и претседател на Советот на СВП (1966/67 и 1978/79). За редовен член на МАНУ е избран на 10. 5. 2000 г. и член на Светската академија на поезијата (2002).
Препеал од разни јазици видни поети од Балканот и од Европа, меѓу нив и библиската „Песна над песните“. Застапен е во сите антологии на македонската поезија, како и во Антологијата на светската поезија.

Неговата поезија е преведена на повеќе јазици во светот. Анте Поповски е еден од најзначајните македонски поетски творци. Поет на епот и епопеите, на болните македонски и старословенски тажачки и елегии, поет на македонските тајнописи и родописи. на митскиот поетски говор вкоренет во источната, византиска и христијанска македонска поетска традиција. Македонија и нејзината трагична историска судбина е во средиштето на неговата поезија. Неа тој ја воздигна во мит. Добитник е на високи национални и меѓународни награди и признанија. Меѓу поважните поетски книги од неговиот опус спаѓаат „Одблесоци“ (1955), „Тајнопис“ (1975), „Сина песна“ (1984), „Света песна“ (2001) и „Две тишини“ (2003).

Во негова чест споделуваме три негови песни:

Македонија

Еве ја таа проста земја 
од дволичен камен 
и сонце 
Децата уште незаодени каде откопуваат 
лобањи по градините 

Еве ја таа проста земја 
од пајажина 
и од води 
Мудро слободата кај што ги запишува 
селските имиња 
Место икони по црквите 
И каде летото како судбина 
Трае до последниот востанат 

Еве ја таа проста земја 
од заморено дишење 
и од молк 
Низ која времето одминува 
и пак се враќа 

Со неа да го сподели лажното траење. 
О, еве ја таа проста земја 
од грч 
и од чекање 
Што ги научи и ѕвездите да шепотат на македонски 
А никој не ја знае. 

Непрочитано писмо

Врз секоја карпа, врз секој камен – некој знак!
Длабел некој низ мракот на времето знаци
со камен врз каменот и сега целата татковина
е некое неодгатливо писмо.
Знаците истетовирани врз карпите,
стопени со времето,
втиснати во сеќавањето на народот
– сега се свети знаци низ кои струи
и крвта и тајната на македонскиот збор:
изгорени гласови, неоли,
крвави засеци на ножот
осенчени со крик на големи погибии…

Целата татковина – свето и непрочитано писмо.

Мојата сина птица

Лесно ќе ја распознаете мојата сина птица:
таа не ги колве кората и плодовите на овошките,
не застанува на карпите, не демне по мрши и коски,
– мојата птица никогаш не се симнува од небесата.

Мојата птица ги покрстува небеските варвари,
светлината ја пресоздава во писмо според кое
бела како коска, студена како кама

– неизвесноста пустоши низ нас…

Толку високо, самоти ѕвездите,
можеше да се искачи само зборот,
мојата сина птица:

со клунче од звуци, со крилја од глаголи…

Напишете коментар