Федерико Гарсија Лорка во својата поезија, најчесто обработувал мотиви од суровата Андалузија. Пишувал за кулите, камбаните и зорите на Гранада, биковите и тореросите, Циганите и нивните песни и ритми, насадите со маслини и портокали итн.
Неговите стихови се полни со сликарско-музички елементи, со компликувана оркестрација, голема звучност и меѓузвучност и бројни јазични пресврти. Иако во основата на неговата поезија лежат народните и циганските песни од Андалузија, Лорка изградил оригинален и модерен поетски јазик. Лорка останал настрана од тогашниот водечки поетски правец во Шпанија – ултраизам (шпанска варијанта на модернизмот), но од него ги презел најсмелите и најтешките елементи.
Творештвото на Лорка
Творештвото на Лорка било предмет на бројни студии, предавања, есеи и книги, а за него пишувале: Рафаел Алберти, Алтолагире, Сернуда, Хименес, Дали, Мачадо, Гиљен, Хернандес, Пабло Неруда, Паро, Пандолфи, Диего, Касу, Салинас, де Торе, Цара, Беламиш, итн. Автентичната и генијална поезија на Лорка, една од големите обновителки на новата шпанска лирика, поаѓа од убавината и богатството на шпанската народна песна и од барокниот раскош и виртуозната поезија на Луис де Гонгора.
Сепак, нуркањето на Лорка во шпанската народна и книжевна традиција не се одделила од современите текови во поезијата. Навистина, неговиот вкус, ерудиција и фантазија ѝ се спротивставуваат на помодноста, но во неговите стихови се огледаат сликите на негвовите учители, Мачадо и Хименес, како и метафорите на модерната европска поезија, од симболизмот до надреализмот.
Ако во поезијата на Лорка треба да се издвојат главните точки, тоа се збирките: „Длабоки песни“, „Цигански романсеро“, „Тажачката за Игнасио Санчес Мехијас“ и „Поетот во Њујорк“. Навистина, меѓу нив, Лорка создал голем број сериозни остварувања (оди, газели, касиди итн.), но во овие неколку збирки доаѓа до израз она што е вистински ново и вредно во творештвото на Лорка.
Во продолжение прочитајте ја една од неговите песни што ја избравме за денес.
Газела за очајната љубов
Ноќта не доаѓа
за да не дојдеш ти
и за да не дојдам јас
Но, јас ќе дојдам дури и
од сонцето на скорпијата голтнат
Но ти ќе дојдеш со изгребан јазик од дождовите на солта.
Денот не доаѓа
за да не дојдеш ти
и за да не дојдам јас
Но јас сепак ќе дојдам
на жабите давајќи им го скинатиот
каранфил свој.
Но ти ќе дојдеш
низ темни улици на ноќта.
Ни ноќта ни денот иде
по тебе за да умрам
и по мене мртва да бидеш.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.