Детско катче Занимливости и информации Литература Песни за деца

Видое Подгорец – Убави зборови

На денешен ден во 1934 год.е роден еден од најплодните македонски писатели, патописец, поет, раскажувач и романописец за деца и возрасни Видео Подгорец (Колешино, 8 јуни 1934 – Скопје, 14 април 1997).

Припадник е на втората генерација македонски писатели. Објавил голем број стихозбирки, раскази и романи. Се родил во сиромашно семејство, па со неполни шеснаесет години, почнал да работи како учител. Поради сиромаштијата, не бил во состојба редовно да ги следи предавањата на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, па затоа, студирал како вонреден студент.

Во 1956 година, дипломирал на Вишата педагошка школа, а во јуни 1959 година дипломирал на Филозофскиот факултет, на групата за југословенска литература.

Во 1962 година се вработил во Скопје, во „Нова Македонија“, т.е. во редакцијата „Детска радост“, како уредник на детските списанија „Другарче“ и „Наш свет“. Својот работен век го завршил како директор и главен уредник во НИК „Наша книга“. Починал на 14 април 1997 година во Скопје. Бил член на Друштвото на писателите на Македонија од 1958 година.

Видое Подгорец започнал да пишува додека бил ученик во учителската школа во Штип, а малку подоцна, непосредната работа со децата (како учител) имала пресудно влијание за неговата определба за детската литература. Подгорец спаѓа во редот на најпопуларните и најплодните македонски писатели: само во првите десетина години од своето творештво, веќе објавил околу триесет книги!

Тој пишувал поезија и проза за возрасни и за деца, а се занимавал и со книжевна критика и есеистика, а покрај тоа, има објавено серија патописи од неговите патувања по Блискиот Исток. Во продолжение, тој е автор на неколку телевизиски сценарија за детски игри, како и на две радио-драми за деца: „Незавршена приказна“ (заедно со Михо Атанасовски) и „Чудесно патување“. Исто така, тој е уредник на две антологии: „Гулаб на мирот“(избор на раскази за деца) и „Вртешка“ (избор на песни за деца).

Во 1966 година, за романот „Белото циганче“, Подгорец добил две награди: наградата „Младо поколение“ за најдобра детска книга во Југославија, како и втората награда на конкурсот за роман на „Детска радост“.

Издвојуваме неколку негови дела:

  • Развигорче (поезија за деца, 1956)
  • Мугри над тополите (поезија, 1958)
  • Уморно лето (поезија, 1958)
  • Прости ми, канаринке (раскази за деца, 1958)
  • Топли гнезда (раскази за деца, 1959)
  • Белото Циганче (роман за деца и млади, трилогија, 1966)

Секоја година, во негова чест се одржува литературната манифестација „Средби под јаворите“.

Исто така, споделуваме една негова песна која нема да ве остави рамнодушни и ќе посакате да прочитате некоја од неговите збирки поезија.

Убави зборови

Ај,да измислуваме убави зборови!
Еве вака:
Да биде радост наместо мака.

Се што е насилно,свирепо грубо-
нека го носи името-љубов!

Вистина ставаме наместо лага
смеа и веселба наместо тага.

Болката нека е ведрина сега,
а сите војни да станат шега.

Црното нека си остане боја,
но,да не тежи во душата твоја…

Солзите-мака в срце што носат
нека се претворат во капки роса.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје