Skip to content

Песни од Видое Подгорец

Ви претставуваме три песни од Видое Подгорец објавени во неговата збирка поезија „Мугри над тополите“ во 1968 година.

Се надеваме дека ќе ви се допаднат:

Нема љубов

Не минувај. Стани нешто налик на сон.

Времето во заборав нека се стопи.

Ти си на разуздани ждребиња од прапорци ѕвон

Во кој и тврдиот камен ќе се опие.

 

Нељубена ѕвездо! Откај толку жед

Во твоите очи за љубов?

Крај тебе сум јас залутана птица во бура, без глед,

Па сѐ ми е едноставно во животот груб.

 

Та што е срам? За така исчекан миг

Јас се стопувам в себе. И само еден лик

Ме плени. И само твојот лик ме плени.

И да е полето наше, по сите искласани ниви,

Ќе минеме како ветер со развеани гриви,

Но од таква љубов пак ќе бидеме неми.

 

Тешкото

Тешкото не е само оро

Свисната болка низ ритам, болка и такт.

Тешкото не е само на срце

Тага, на лице невесело мрак…

Тешкото често в очи е

Превез низ поглед матен што се лие,

Па тогај уште потешко

Што не може да се скрие.

Бреза

Раскрши снага,

Ветрот е твојот љубовник,

Предај му се, драга

И сите страсти

Нека ги понесе тој

Над тебе широко,

Над тебе високо,

Како песна.

Напишете коментар