Занимливости и информации Литература

Џовани Бокачо – првиот европски хуманист

На денешен ден е роден Џовани Бокачо (16 јуни1313 – 21 декември1375) , фирентински писател, хуманист, третиот претставник на италијанската предренесанса, со своето најважно дело за светската литература, со Декамерон, во целост се одделува од метафизичноста на средновековниот начин на мислење.

Неговата творештво  напишано на тоскански дијалект,  особено неговата збирка раскази  Декамерон, со која постигнува  огромен успех, го направи еден од креаторите на италијанската проза литература.

Во биографијата на Бокачо важно место завзема неговиот престој во Неапол, кога тој се формирал интелектуално и естетски. Неапол, во времето кога тој се образувал (во трговската професија и канонското право), бил раскошен, сосема ренесансен град со весела атмосфера и со дух кој ги славел уживањата. Животот и творештвото на Бокачо го одбележала незаконската ќерка на кралот Роберт, Марија, која во творештвото на писателот се трансформирала во дона Фјамета. Таа е опеана во стихови и во проза како жена која со својот темперамент била извор и на среќата и на несреќата на подоцна напуштениот Бокачо.

Важен податок за животната и творечката биографија на Бокачо е другарувањето со Франческо Петрарка во Фиренца, Падова, Милано и во Венеција. Тие тогаш ги делеле своите интелектуални искуства и интересите кон класичните автори и кон творештвото, воопшто. Од тие нивни контакти останала и мошне важна преписка.

Во 1348 година, Бокачио бил сведок на пустошот што црната чума го направи низ цела Европа. Можеби оваа пандемија го предизвика да го напише своето ремек дело: Декамерон.

Декамерон е збирка од 100 новели напишана најверотано во периодот од 1350 година до 1353 година. Тоа е средновековно алегориско дело најпознато по љубовните приказни. „Декамерон“ има антиклерикален карактер, зашто сатирата е насочена кон лажната чистина на свештениците. Но, освен тоа, ова е дело што носи голема етичка порака, типично хуманистичка каде се велича сè што е човечко. Според Бокачо, луѓето се еднакви, само се разликуваат по својот карактер и интелигенција. Насловот на книгата е кованка од два грчки збора што значат „десет“ (δέκα дека) и „ден“ (ἡμέρα хемера). Се верува дека некои делови од приказните се поврзани со влијанието на Книгата на добра љубов. Многу значајни писатели како Џефри Чосер имаат извлечено инспирација за своите дела од Декамерон.

Декамерон“ претставува заокружена збирка раскази кое авторот го постигнал со воведниот дел, односно „Уводната новела“, каде Бокачо го прикажува својот концепт на збирката. Имено, за време на големата чума во Фиренца, група млади луѓе, седум жени и тројца мажи, се засолнуваат во една куќа, надвор од градот и за да не им биде здодевно за секој ден определуваат крал или кралица кој ќе кажува што да прават. Во текот на тие десет дена, сите десетмина, секој ден раскажуваат по еден расказ на определена тема (10 X 10 = 100). Затоа збирката содржи 100 новели.

Творештвото на Бокачо ја покажува предноста на неговиот раскажувачки талент, иако и тој го почнал творештвото со поезија. Песните во “Рими” кои ги пишувал во различни периоди од животот покажуваат дека тој ја нема дарбата на Данте и на Петрарка за префинета поетска медитација за љубовта. Романот во проза Филокло има љубовно-авантуристичка содржина. И покрај својата почетничка несигурност, тој сведочи за талентот на идниот голем раскажувач.

Античкиот мотив за љубовта на Троило и Кризеида (преземен од средновековниот Роман за Троја), Бокачо го обработил во спевот Филострато.

Во овој првичен период на своето творештво Бокачо ги напишал:

  • Тезеида (еп), со кој според Енеида на Вергилиј се обидел да создаде јуначки еп на народен јазик
  • Ловот на Дијана, покус еп.

Во позрелите дела на Бокачо треба да се спомене и т.н. прв италијански психолошки роман Елегија на госпоѓа Фјамета според неа на жените вљубени раскажана, кој е интересен по раскажувањето во прво лице. Раскажувачот е жена, па тој факт го прави ова дело уште поинтересно.

Меѓу помалите дела на италијански јазик се Буколички песни, како и биографиите на познатите жени (од Ева до Ивана Неаполска), потоа важното учено дело на Бокачо За родословите на паганските богови, а треба да се истакне и активноста на Бокачо во врска со проучувањето на делото на Данте. Расправите во слава на Данте го содржат култот на Бокачо кон големиот поет на Комедијата, па со право се смета дека токму Бокачо ја нарекол божествена.

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје