Вашиот глас Литература Проза

Отворено писмо (мал бунт) – Анастасија Л.

Гледам ми плукаат по генерацијата, па реков, ајде да напишам нешто и за тоа.   
Ние сме деца пораснати, ни ваму ни таму, растргнати помеѓу деведесетите и годината во која всушност сме родени. Почнавме со Бритни, а ќе завршиме со којзнае кого. Деца кои први навистина го почувствуваа подемот на технологијата, деца кои први се осмелија да прозборат за она што ги мачи. Деца-поборници против било каква дискриминација, деца доволно храбри за да ги тргнат насмеаните маски од лицето, деца кои со треперлив, но силен глас проговорија против анксиозноста, депресијата, врсничкото насилство, семејното насилство и сѐ она што нашето општество го прикрива. Ние сме тие. Ние сме таа, како нѐ нарекуваат иронично? “Смарт” генерација. Да, ние сме смарт генерација, нон-стоп со телефоните в раце пробуваме да смениме нешто, пробуваме барем малку да подобриме нешто, бараме барем малку среќа во ова однапред испланирано општество. Ние сме деца без форма, а сепак пробуваат да нѐ стават во коцка, и тоа не чини, така? Не чиниме ние  зошто говориме гласно, не чиниме ние зошто сме поинакви, зошто бираме успешна кариера наместо неуспешен и без љубов брак, не чиниме зошто не планираме да остареме на триесет години и да се затвориме дома како да животот  ни завршил, а тој само што почнал. Не чиниме ние затоа што сакаме подобро утре, со еднаква слобода, еднаква плата, еднакви права. Не чиниме ние зошто не ги покираме главите, зошто не ги криеме солзите, зошто наместо да плачеме во шамиче плачеме во мастило па од него пишуваме приказни, драми, песни, комедии и трагедии за истото општество во кое сме израснале, за истите коцки во кои не сме се вклопиле. Користите иронија и сарказам кога зборувате за нас, а ве боли кога со иста мерка ќе вратиме, зошто нели, постарите треба да се почитуваат без разлика дали те газат, тепаат, малтретираат зошто нели, тие се подолго на Земјава од тебе, нив ова не им е прв живот, туку десети зошто тие се чеда божји кои однапред се молат за прошка за гревовите што ќе ги направат, а ти си невоспитана стока затоа што го браниш оној кој верува поинаку од тебе, оној кој се облекува поинаку од тебе, оној кој живее поинаку од тебе. Зошто нели, Бог имал дрес коуд и кога кажал да се сакаат сите во заграда ги ставил оние недостојни за љубов, зошто религијата не е љубов туку клуб во кој ако исполниш одреден критериум те примаат, зошто самиот Бог не е љубов туку омраза и страв и ако не оставиш пари во Црква сите да те видат тоа претходно  што си помогнал некому не се важи.  И за крај (со сета должна почит кон исклучоците) да му се плукнам јас на општеството кое наплаќа карти за во Рајот, на сите оние на кои децата им служат како издувен вентил, боксерска вреќа и параван за да го убедите народот дека ви е убаво а во реалноста сте несреќни. Да му се плукнам на општеството што ќути и намерно пред неправда ги затвора очите и молчи, зошто нели, може да биде и полошо.    

Со почит,         
Анастасија. 

Автор: Анасатасија Лефкоска

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје