Виктор Радун Теон е роден 1965-та година во Скопје, Македонија. Од 1991-та година живее во Нови Сад. Дипломирал на Економскиот факултет во Скопје во 1990-та година, магистрирал на Економскиот факултет во Суботица во 2003-та година и докторирал на Факултетот за менаџмент во Нови Сад во 2006-та година.
Вработен е како професор по екологија, економија и менаџмент на Факултет за применета екологија Футура, на Универзитетот Метрополитен во Белград. Пишува поезија, проза, есеи и прегледи и објавува во литературни списанија. Тој се занимава со филозофија и студии за иднината. Преведува од англиски на српски и македонски и обратно. Преведуван е на шпански, романски, македонски и словенечки јазик.
Има објавено 11 книги, 60 научни и стручни трудови, околу 50 есеи и литературни критики и прегледи, 7 учебници и превел 30 книги. Оперативен уредник на списанието Бранковина и соработник на списанието Печат.
Книги (негово творештво):
Литература: Јаје једнорога, 2008; Вавилонски водопади, 2012; Чудо Феникса, 2013; Крв и ружа, 2016; Змија олује, 2019; Манифест камена, 2020.
Филозофија, економија, студии на иднината: Конкуренција на нишану, 2008; Светло у човеку, 2017; Храм екстазе, 2017; Трансхуманизам, будућност без људи, 2018.
Член на Управниот одбор на Здружението на писатели на Војводина, Здружението на новинари на Србија и Здружението на стручни и научни преведувачи на Војводина. Претседател на Надзорниот одбор на Стериино Позорје.
Тој пишува на македонски и на српски јазик. Ние уживавме во читањето на овие прекрасни стихови. Во продолжение прочитајте ги и вие.
Превез – Виктор Радун Теон
Јас сум никој
не се препознавам себеси
го бришам огледалото
со потните раце
ме фаќа грч
да не залутав
да не сум во беспаќе
се обидувам да се присетам
како да се вратам назад
до последната раскрсница
злото е во превезот
што ме обвиткува
не ги препознавам очите
нивното светкање во мене
го зачнува зрното на забуна
не знам кој чекор
води до светлината
да ли ми треба некој
да ли сум сам
зошто никој не го слушне
мојот крик
оти научени гримаси
оти вештачки светла
оти збогум
оти догледање
кога не се ни поздравивме
ниту се видовме
продолжувам понатаму
од точката во којашто
не ни постоев
до точката
којашто не постои
кога ќе стигнам
не знам
да ли некогаш ќе те
препознам
не знам
можеби со своите раце
ќе го држиш превезот
којшто не ми дава
да гледам
од вештачките светла
љубовта бега
Препознавање – Виктор Радун Теон
Пред да се родам ја сонував
реката
првобитно ова беше
шах
нишки, црни и бели
се преплетуваат и мрсат
во средината
во тивкото Сум
да ли сум роден
песковливо време
не остава простор
за семе
ние сме сенки
што се фрламе во средба
во препознавање
зад белината на телото
зјапа бездното
знаците им служат на одбегнатите
Без превод – Виктор Радун Теон
Бог е само виолетов сомот
што ги прекрива твоите слабости
посадив уште едно стебло
ја трнувам вселенската штица
под ноктот
и се спремам
да те гледам
верувам дека ќе исчезнам
како би станал доказ
на постоењето на вителот
престанав да читам
и дланките ми се жедни
во ред
нема место покрај тебе
некои нови молекули
се туркаат
да те заштитат
време е, помислувам
да прочитам
сѐ од почеток
само овој пат
без превод