Skip to content

Зошто? – Снежана Паноска

  • by

Понекогаш, како во оваа вечер, сакам да ти дојдам пред твојата (таткова) врата.
Да застанам на првото почивалиште, да заѕвонам на првото ѕвонче и да почекам. Да, да почекам да станеш полека од удобното столче на кое седиш, или од каучот на кој лежиш  и во кој оставаш траги веќе подолго време од твоето постоење.
Па да се зачудиш  гледајќи ја  матната силуета која стои пред вратата, а која ја гледаш низ стаклото. Се чудиш или не, нема да знам, оти веќе долго време јас немам застанато на тоа почивалиште. Па кога ќе ме видиш, кога ќе те погледнам во лице, да ги сокријам солзите кои ми навираат во аглите , како и сега. Па кога ќе ме погледнеш, ќе ми речеш ли – влези ???!!! Зачудено, налутено, навредено.

Или можеби , ќе кажеш – што бараш ти тука?? Овде повеќе нема никого за тебе !!!.. Овде немаш што да бараш!!!
А јас, јас само сакам да ја бакнам кваката на татковата врата, да го помирисам мирисот на татковата куќа… Како некогаш …. Кога беше полна…со радост…со луѓе…со љубов.
Како некогаш, кога ме испраќаше и пречекуваше…како некогаш…

Понекогаш, како во оваа вечер, сакам да ми дојдат на сон, само да ги сонам… моите спомени за таа мала улица…за мојата куќа, која повеќе не е моја, одамна ја немам… Понекогаш, само понекогаш, оддалеку ги голтам неисплаканите солзи, за недобиеното прашање – ЗОШТО ??…ЗОШТО БРАТЕ???…ЗОШТО???

Ќе ме прашаш ли:  зошто повеќе не доаѓам ? Ќе ме прашаш ли: зошто не ти се јавувам , не разговараме, не се гледаме? Зошто ја заобиколувам улицата? Зошто доаѓам само на гробишта, новостите за тебе ( вас ) ги добивам од комшиите ??? 

Ме боли БРАТЕ, ме боли. Ако те боли, ќе појдеш, ќе го прашаш, ќе почекаш да ти одговори, да те праша – ќе речеш…Ама не можам, сè уште не можам. Не знам, ќе можам ли некогаш.

Ќе можам ли да ти простам за мајка ми, за свадбата, за кажаните зборови, за лутината собирана со години….за…Милиони некажани зборови, собирани во душата кои болат, болат, болат…Ама најмногу ме боли молкот. Оти ти си ( беше) мојот БРАТ, мојот заштитник, а јас бев твојата Нежа …бев…

Животот го живееме како сакаме и како мораме. Секој сам си  одлучува за своите постапки. Само знам дека, за Прочка ти пратив порака “Прости, ти реков“ , ти ми врати „Простено, ама не знам кој си, за да знам кому да простам, и за што!!!“
Ех…. мој БРАТЕ ….Понекогаш, како во оваа ноќ, ми доаѓа да врескам, да ги гризам ноктите до болка, да плачам, да ги исплачам сите неисплакани солзи, да се сторат река, да ме однесат до тебе… да ти кажам…да …да ти кажам… Ама што????

 Снежана Паноска

Напишете коментар