Skip to content

Не заборавај – Анастасија Лефкоска

  • by

Не ги заборавај моментите на срам,

на ударите безмилосни, што доаѓаа во бран.

Само затоа што се разликуваш,

само затоа што на омраза на поинаквиот не повикуваш,

Само затоа што сакаш живот подруг од нивниот,

само затоа што си го криеш крикот, за извикот твој да не биде мета за некој друг,

само затоа што вложуваш труд за да ги обориш гнасите што мислат дека се богови,

а уствари поголеми од Луцифер кријат под ореолот рогови.

Не заборавај.

Не заборавај!

Не преговарај!

“Извини” не им изговарај!

Не заслужуваат, остави ги,

како сакаат нека те толкуваат иако се неписмени нека те читаат,

сами со себе нека се залажуваат и играат.

Прости души – за ‘рѓани,

во место застанати, а уште пред педесет години тргнати,

малограѓани,

мувлосани души за џабе раѓани.

Не заборавај!

Не заборавај на лузните и раните што “добрите христијани ти ги оставија”,

а после како ништо да не се случило заборавија.

Истите верници што денес Бог би го избркале од пред врата,

само затоа што не им се вклопува во нормата.

Е од такви да бегаш и на такви да се сеќаваш,

на такви да им простиш не мораш,

зошто ти не си тука за да им ја олесниш мизеријата,

 ти си тука за да ја смениш историјата.

Не заборавај.

Никогаш не заборавај.

Круната светни ја и на главата стави ја,

фрли му запалка на таа вечна, со бензин расправија.

Тргни по патот пред тебе долг и рапав,

насмеј се и чекори цврсто со чекорот трапав.

Напишете коментар