Skip to content

Владимир Мајаковски – Облак во пантолони

Оригинално насловенa 13-тиот Апостол (но преименувана после цензура) првата значајна  поема на Мајаковски е напишана од гледиште на oдбиен љубовник, прикажувајќи ги вжештените теми како љубовта, револуцијата, религијата и уметноста. Поетот одбира нов екстремен начин на стилско изразување, поврзувајќи неправилни линии на театрален  јазик со изненадувачки рими. Се смета како пресвртна точка во неговиот поетски опус и камен темелник на руската футуристичка поезија.

Тема на песната е невозвратената љубов од Марија Денисова со која се запозна во Одеса за време на турнејата на футуристите во 1913 година.

Ви го претставуваме прологот на поемата „Облак во пантолони“:

Мислата ваша, на смекнатиот ви мозок,
лакеј што на мрсна софа драпа скут ‒
со срцево во партали искрвено грозно,
ја дразнам подбивно, безочен и лут.

Не е дом за бели влакна мојата душа
ниту нежност има од старечки крој!
Затнал уши светот, не може да слуша
дваесетдвегодишник, убавец ‒ свој!

Нежни! Кај вас виолини љубов гудат,
на барабани сте ја растропале груби,
а јас ‒ кожата превртено си ја нудам
па сета е само усна желна да љуби.

Елате в кафеана, научете наука чиста
за службеничка на ангелската лига
која усните спокојно ќе си ги листа
ко готвачка страните на својта книга.

Ако сакате, од месо ќе ржам бесен,
на небото ќе му поништувам талони
ако сакате, ќе бидам нежен и чесен,
не човек ‒ туку облак во панталони!

Не верувам дека ќе е славна Ница ‒
ако вместо крст мене не ме кренат,
луѓето ‒ закоровени како болница ‒
и ко пословица на изветвена жена.

Превод: Љупчо Бочваров

Напишете коментар