Отсекогаш сакаше да завршиш факултет меѓутоа поради финансиски причини беше спречен. Во моментов имаш доволно пари за да се запишеш, но мислиш дека имаш премногу години за таков подвиг? Никогаш не е доцна за да ги оствариш своите сонови и амбиции. Донесената одлука може да ти го промени животот на многу подобро. Не сакаш да продолжиш да студираш и сметаш дека студирањето ти е товар, но не ти е лесно да се откажеш бидејќи се плашиш од последиците?
Охрабри се, твоите животни одлуки ги носиш сам, ти си целосно одговорен за сите твои одлуки и за сè што ти се случува. Последиците се резултат на твоите претходно донесени одлуки. Можеби сакаш да ја промениш работната позиција бидејќи не си задоволен од третманот што го добиваш на работно место, но се плашиш дека после нема да можеш да си најдеш друга? Никогаш не е доцна за нови промени. Слободно направи еден чекор за кој сметаш дека потребно е многу размислување.
Нема да биде лесно, а можеби ќе имаш и многу откажувања, но накрај ќе вреди. Нештата од кои се откажуваш привремено со текот на времето ќе ги добиеш во многу подобра форма отколку претходно. Сакаш да научиш нов јазик, но поради некои причини како: „тешка е граматиката“, „премногу е доцна“, „немам време“, „сакам да го знам, но нема кај да го употребувам“, и слични изговори и откако ќе си ги кажеш се откажуваш од намерата? Не е доцна за да го запознаеш јазикот на друг народ за со љубов и голем интерес го научиш многу брзо.
Постојат многу начини за да си ја исполниш оваа долгогодишна желба и конечно да станеш побогат/а за уште еден човек. Велат, колку јазици знаеш за толку луѓе вредиш. Сметам дека секој човек вреди неизмерно дури и ако е неписмен. Меѓутоа вредноста е во духовното знаење, таа се огледува во способноста да вложиш во себе и во своите интелектуални способности. Многу луѓе не се свесни колкави интелектуални моќи поседуваат сè додека не се „принудени“ да почнат да ги користат. Никогаш не е доцна да почнеш да правиш промени за себе. Промени и внатрешно и надворешно.
Не е доцна да почнеш да се храниш здраво бидејќи тоа тебе ти одговара и му годи на твоето целокупно здравје, а не дека другите околу тебе почнале да се хранат така. Не дека треба да бидеш модел на Викторија Сикрет, не за да ѝ/му се допаднеш на симпатијата мислејќи дека не си доволно привлечен/а, не за да одговараш на „стандардите за убавина“ кои што ги поставило општеството или оние правила и насоки кои ги наметнуваат весниците и списанијата за убавина.
Не дека треба да се подготвуваш за плажа и да имаш стомачни само бидејќи ќе те гледаат без облека. Туку да го прифатиш твоето тело какво што е. Но да се грижиш за него во текот на целата година, а не да го „прилагодуваш“ за специјални прилики. Никогаш не е доцна да ги промениш твоите навики. Потребни ти се најмалку дваесет и нешто денови во практикување на една иста активност за таа да се претвори во навика.
Главна компонента за остварување на секој план е дисциплината. Научно докажано е дека дисциплинираното однесување вродува со плод и носи резултати, во секое поле. По не знам кој пат ќе повторам – никогаш не е доцна за што и да мислите дека немате веќе време. Не е точно дека твоето време поминало. Сега и овде е вистинско и единствено време што го имаш на располагање. Не после, утре или следен пат, ви се обраќам на сите – искористете ги драгоцените минути од денот бидејќи тие не се враќаат назад.
Не одложувајте ги работите што можете многу брзо и лесно да ги направите додека можете, и имате доволно време. Вистината е дека никогаш не е доцна за промени. За почнување нови нешта, но уште посигурно е дека времето минува без запирање и истото не може да се врати назад. И еден ден навистина ќе се исполни изговорот дека сте немале време. Некаде на старост во поодминати години кога ќе се сетите што сè сте можеле да направите.
Верувајте во себе и во своите способности! Искористете ја секоја прилика за духовен, ментален и физички развој.
Дознајте и која е лошата, а која добрата страна на помнењето.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.