Занимливости и информации Македонски автори На денешен ден Писатели и поети

На денешен ден се одбележуваат 94 години од смртта на Крсте Петков Мисирков

Д-р Крсте Петков Мисирков роден во Постол, Егејска Македонија на 18 ноември 1874 , а починал во Софија, Царство Бугарија на 26 јули 1926 бил македонски филолог, кодификатор на македонскиот литературен јазик и правопис, славист, историчар, етнограф, аналитичар на национално-политичките проблеми, публицист, собирач и проучувач на македонското народно творештво. Тој е и автор на првата книга и првото списание на современ македонски јазик, основоположник и активен учесник во македонските научно-литературни и национално-политички друштва во Белград, Санкт Петербург, Одеса и Софија, раководител на ТМОК и еден од најважните личности во 20 век во Македонија.

Мисирков е автор на книгата „За македонцките работи“, списанието „Вардар“ и голем број на научни статии објавени во различни весници. Покрај авторската дејност тој се занимавал и со превод на литературни дела и собирање на народни творби.
„За македонцките работи“ ги претставува погледите на еден од најголемите македонисти и национални дејци кон македонското прашање, националната свест и пред сè на потребата од завршување на националната афирмација и ослободување на Македонците како посебен народ со особено значење на улогата за кодифицирање на литературен македонски јазик. Во книгата се обработуваат тематики поврзани со основање на стандарден македонски јазик, правопис и азбука во контекст на изнесениот политиколошки поглед на тогашната актуелна политичка состојба во Македонија по Илиденското востание, како и научно-теоретски погледи за самобитноста и посебноста на македонскиот народ со историски пристап кон настанокот на другите европски и словенски народи, со единствена замисла и цел за национална афирмација на македонскиот народ во современа модерна европска нација со своја слободна, целовита и независна држава Македонија.

Книгата „За македонцките работи“ била испечатена во 1903 година во Софија, тогашно Царство Бугарија, и била печатена во т.н. „Либерален клуб“. Самата книга има над 120 страници и поделена на пет дела и предговор. Четири од петте поглавја се всушност и говори кои Мисирков ги читал на состаноците на македонскиот литературен кружок во Русија.
Поглавјата на книгата се: Предговор, Шчо напраифме и шчо требит да праиме за однапред?, Имат ли се нужда од македонцки национални научно-литературни другарства?, Националниот сепаратизм: земишчето, на коіе се имат развиіено и ке се развиіат за однапред, Состауала, состауат и можит ли Македониіа да состауат от себе оддел’на етнографцка и политична іединица? и Неколку зборои за македонцкиіот литературен іазик.

Корица на книгата „За македонцките работи, София, 1903“ од Крсте Петков Мисирков.София, 1903
Корица на книгата „За македонцките работи, София, 1903“ од Крсте Петков Мисирков.София, 1903

Соработка со Војдан Чернодрински, За македонцките работи и реакции во Србија

Крсте Мисирков во Битола работел врз планот за отворање на македонски училишта. Токму во тоа време избувнува и Илинденското востание, во кое Мисирков не учествувал лично. Подоцна во Русија тој го образложил своето отсуство од Илинденското востание со откривање на причините за неуспех на востанието. Во Русија развил широка активност, пред сè публицистичка, работејќи над текстовите од својата книга на која и дал наслов За македонцките работи, како и над некои ракописи за учебници. Со цел да ја публикува својата книга, Мисирков заминал во Софија. Во тоа време доаѓа периодот кога Бугарија и Србија се договараат за поделба на сферите за дејство на своите пропаганди во Македонија. Мисирков и се придружил на театарската група на Војдан Чернодрински, која имала намера да даде неколку претстави на пиесата „Македонска крвава свадба“ во неколку градови во Србија. Во Белград Мисирков одржал предавање за македонското прашање во светлината на српско-бугарското зближување. Дел од белградскиот печат жестоко го нападнал Мисирков за тоа предавање што го одржал во салата на Велика Школа. Меѓутоа, забележана е реакција на Андра Гавриловиќ, кој во списанието Бранково коло, а под наслов Пред четвртата јужнословенска литература, пишува дека претставите на Војдан Чернодрински не се изведени во никаков јазичен жаргон, туку тоа е проба на една нова културапочетоци на една нова јужнословенска литература. Во таа смисла тој, го имал и предавањето на Мисирков.

Мисирков се вратил во Софија со надеж да ја подигне од печатницата својата нова книга, но сепак не одело сѐ така лесно. Имено, книгата му била откупена од тамошните власти и изгорена. Од изданието се зачувале само мал број на примероци. По таквиот настан организиран од бугарската пропагандистичка машинерија, следел организиран напад врз Мисирков.Тој бил присилен да ја напушти Бугарија. Мисирков повторно се нашол во Русија, активирајќи се повторно во друштвото „Свети Климент“ и набргу го прифатил професорското место во Берѓанската гимназија, каде започнал со размислување за издавање на една македонска публикација именувана како „Вардар“. Така, Мисирков го напуштил Берѓанск и обезбедил престој во Одеса. Тој го подготвил првиот број на своето списание за печат и предал во печатница. Меѓутоа, нема доволно финансиски средства за да го подигне отпечатениот материјал. Со тоа завршило неговото одушевување. Но првиот, а воедно и единствен број на списанието содржи драгоцени материјали напишани на македонски јазик. Тие, речиси, во сè го потврдуваат Мисирков околу книгата „За македонцките работи“ и за погледите кон македонскиот јазик и македонската нација.

Неговиот престој во Одеса бил исполнет со нови активности. Покрај подготовката на списанието „Вардар“ што се отпечатило во септември 1905 година (но не и во продажба), Мисирков бил вклучен во работата на Историско-филолошкото друштво.

Во текот на Првата балканска војна тој бил воен дописник од фронтот во јужна Македонија. за време на Втората балканска војна веќе бил назад, во Кишињев на професорска должност. Во 1913 година Македонската колонија од Петроград започнала да го издава списанието „Македонский голос“. Мисирков веднаш воспоставил контакти со Колонијата, соработувајќи со останатите луѓе што го издавале списанието. Мисирков објавувал под свое име но и под псевдонимот К.Пелски.

Понатака, Мисирков ги дочекал револуционерните настани од 1917 година. Во ноември 1917 година бил избран за пратеник во Земскиот собор на Бесарабија. На 9 април 1918 година, при гласањето за воспоставување на унија на Бесарабија и Романија, Мисирков гласал воздржано. Како противник на присоединувањето на Бесарабија кон кралството Романија, па поради тоа и го протерале од Кишињев во Одеса. Но повеќе не можел да остане во таа средина. Бидејќи имал и семејство, тој заминал од Одеса во Софија, каде го пречекале со недоверба. Сепак добил служба во Етнографскиот музеј, потоа бил испратен во Карлово, но и понатака му се заканувале поради неговите отворени ставови во однос на македонското прашање. Побарал да добие служба во Кралството на Србите, Хрватите и Словенците. Неговата молба останала без одговор. Оневозможен да се врати во Русија, фрлен на служба во провинциско место Копривштица, Мисирков западнал во криза. Мисирков се разболел тешко, претходно преплашен со закана дека ќе биде ликвидиран, па така се нашол во „Александровската болница“ во Софија, каде умрел на 26 јули 1926 година. Неговото семејство (сопруга и син) ги оставил без основни средства за живеење. Мисирков е закопан во софиските гробишта парцела 89, ред 17, гроб 4 каде се наоѓаат и посмртните останки на Екатерина Михајловна – Мисиркова, Сергеј Мисирков и Борис Мисирков.

 

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје