Вашиот глас Литература Проза

Епитаф за Билјана – Силвана Панева

Никогаш нема да го заборавам првиот училиштен ден. Сите бевме збунети и исплашени, а ние со Билјана можеби најисплашени од сите. Без многу зборување, со очите се договоривме и седнавме на претпоследната клупа една до друга. Од тогаш почна нашето другарување. Живеевме во близина една до друга, а далеку од центарот на градот и од училиштето. Одевме заедно на училиште и заедно се враќавме. На крстопатот од нејзината куќа до мојата постоеше широчина со големо дрво. Тоа место го крстивме “Универзална сала”, таму со часови разговаравме за теми кои не беа вообичаени за нашата возраст. Билјана беше една од најдобрите ученички во одделението, а јас просечна ученичка.

Во трето одделение таа го читаше Хегел, и ми кажуваше мудри мисли на Платон, Сократ, Аристотел…. Се чудев како може да чита толку неразбирливи книги, додека, сите останати го читавме Волшебното самарче. Токму сега во раката ја држам книгата, Малечката Фадета” од Жорж Санд и нa првата страна пишува:

– На мојата најдобра другарка Силвана, по повод деветтиот роденден. Од Билјана!

Не ми беа јасни толку многу работи за Билјана, се прашував од каде ја црпи стрпливоста за својата напорна мајка. Жената имаше интересен стил на облекување и однесувања. Секој ден не чекаше од училиште во долга сукња до земја, забрадена со тенка сатенска марама и носеше голем крст на вратот. Ние двете одевме пред неа, а таа со јагнето “Буцко” врзано на јаже, го шеташе гордо и не ја засегаа зајадливите коментари на луѓето. Луѓето ѝ се смееја на чудната жена, а јас пропаѓав во земја од срам. А, таа, Билјана, никогаш не се пожали од сопствената мајка, ниту лош збор кажа за неа. Немав храброст да ја прашам зошто нејзината мајка е различна од другите, ниту таа изрази желба да разговара со мене за мајка ѝ.

Кога стасавме до средно образование, Билјана посака да се запише во Електро-техничко училиште, таа, всушност можеше да се запише каде сака, секаде ќе беше успешна. Убаво црташе, и не верувам дали во животот ќе видам поубаво нацртани девојки од нејзините, математиката ѝ одеше како песна. Пишуваше најубави состави по македонски јазик, едноставно се ѝ одеше. Еден ден срамежливо ми се довери дека го испитувала својот коефициент на интелигенција, не се сеќавам колкав бил, но знам дека е многу висок. Многу се радував за неа, и мислев дека само небото ќе ѝ биде граница.

Иако никогаш не ме интересираше математиката, не сакав да се разделам од неа и се запишав во Електро-техничко училиште. Тогаш бев многу срамежливо девојче без никаква самодоверба, и мислев дека со Билјана секогаш ќе бидам заштитена. Сега сум сигурна дека сум ја барала својата комфорна зона. Повторно учевме заедно и таа две години по ред беше прогласувана за ученичка на генерацијата, верувам дека и професорите беа запрепастени како од едно слушање на лекцијата, може да ја повтори без грешка. Додека Билјана зборуваше сите ја слушавме како опиени, имаше радиофоничен глас, беспрекорен стил на изразување и убаво изгледаше.

Од неа добивав добри лекции на кој начин да се ослободам од сопствените стравови и неодлучност, многу ме убедуваше дека треба со пишување да се занимавам. Во исто време си фативме дечковци, а јас, никогаш претходно ја немав видено толку среќна и исполнета. Не сакаше да споделува тајни со мене, некако секогаш знаеше самата да се справи со проблемите. Јас бев таа што постојано плаче. Но, можеби љубовта ја направи ранлива и сакаше да ги сподели сите тајни со мене. Навистина се израдував што конечно се отвори и можевме освен за учење, да зборуваме за малите и слатки љубовни проблеми…

Но, еден ден дојде и низ солзи ми кажа дека мајка ѝ не дозволувала да има момче, ќе ѝ ја исполни желбата, но никогаш нема да засака друг и нема да се омажи. Ја познавав Билјана повеќе од десет години, ама толку ранлива дотогаш ја немав видено. Следниот ден повторно ја стави заштитната маска на храбра девојка и ми рече: „Те молам ништо не ме прашувај и не ги осудувај моите постапки. Решив да свртам нов лист во мојот живот!“

Тоа лето ја зеде вонредно и последната година на средното образование и се запиша на факултет. Не се гледавме често, таа тргна на факултет, а јас ја завршував последната година од средното образование. Годините минуваа, се оддалечивме, но, секогаш ми се јавуваше во најубавите мигови во мојот живот. Кога го родив синот, а подоцна и ќерката.

Во меѓувреме починала мајка ѝ, а таа останала да живее со татко ѝ. Иако без проблем го заврши факултетот, не успеа да се вработи, и да, си остана на зборот. Не засака никого и не се омажи! Имаше кај неа инает, не правеше на никој лошо, единствено одеше во корист на нејзината штета. Беше премногу своја, необична и со текот на времето многу заличе на својата мајка. Пред дваесетина години ѝ се јавив и ја поканив дома. Кога ја видов се запрепастив од нејзината неуредност. Од убавата и секогаш средена Билјана, останало само бледа сенка. Не ми се пожали на ништо, само евоциравме спомени и на одење се понудив да ѝ помогнам.

Знаев дека е во очајна состојба, и од сè срце сакав конечно да најде некое убаво работно место. Кога го кажав тоа ме погледна налутено и дрско ми рече: „Јас дојдов тебе и децата да ве видам, не дојдов помош да барам!“ Не сакав со лошо да се разделиме и ја замолив да ми се јави ако има проблем. Во меѓувреме продолжив да водам некои свои битки и не размислував за неа.

По неколку години ја видов повторно, овој пат, изгледаше многу полошо од претходниот пат. Искрено се засрамив од глетката пред мене: некогаш фалената и почитувана Билјана мошне смирено го пребаруваше контејнерот. На себе имаше извалкана облека која очигледно е позајмена, нејзиното некогаш бело лице огрднело, а косата ѝ беше мрсна и многу лошо мирисаше. Слушнав од пријатели дека татко ѝ починал и сега во станот немала ниту струја, ниту вода. И овој пат се понудив да ѝ помогнам, а таа не се инаетеше како порано. Но горда како и секогаш спомена дека многу луѓе ѝ биле должни и ќе ми врати откако парите ќе ги добие од должниците.

Не можам да опишам со колкава тага гледав во тие извалкани и испукани раце. Девојката која две години средно образование земаше за една, повеќекратната ученичка на генерацијата го беше допреле дното. Навистина ѝ бев лута. Гордоста е убава особина, но, со години да ги одбиваш сите понудени работни места и ниту едно да не биде доволно добро, тогаш мора да е до тебе. Набрзина се поздравив со неа и заминав како да ме гони некој. Што можев да кажам после ужасната глетка?

Еден студен февруарски ден слушнав дека педесетгодишна жена е пронајдена мртва во станот, седум дена била почината и соседите ја скршиле бравата за да влезат внатре. Не ѝ го кажаа името а јас бев сигурна дека станува збор за мојата најдобра другарка од детството и младоста. За жал, бев во право!

Сакам само по добро да ја паметам, таа е “виновна” што ги засакав книгите, многу веруваше во мене и постојано ме бодреше во детските години. Билјана беше моја вистинска учителка, иако десет дена e помлада од мене. Мислам дека сите што ја знаевме имавме голема почит кон неа, но уште еднаш се потврди изреката дека помеѓу генијалноста и лудоста тенка е границата. Мојата Билјана е уште еден таков пример. Нека почива во мир!

Автор: Силвана Панева

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје