Имав 9 години кога моите родители ме однесоа во болница. Го гледав докторот како нешто многу страшно. Ги слушав неговите зборови: “Мора да ја оперираме, во спротивно ќе остане во количка до крајот на животот”. Мајка ми плачеше, татко ми немо гледаше наоколу.
После неколку дена поминати во болница ме земаа во операциона сала. Сите носеа зелени униформи и со маски ме чекаа на вратата. Мојата мајка цврсто ме држеше за рака сè до вратата, а потоа ми ја пушти раката. Врескав на цел глас “Не ме пуштај мамо, се плашам”. Но ме пушти, а јас влегов низ таа врата. Брзо ми се заврте во главата и потонав во длабок сон. Кога се разбудив бев целата во гипс, не можејќи да ги мрднам нозете. Почнав да плачам, молев да ме пуштат.
Јас бев само дете, сакав да станам и да трчам, да одам на училиште како моите врсници. Тогаш нешто се скрши во мене, мислев дека нема да станам веќе. После 4 месеци пак ме оперираа, а потоа пак и пак.. После две долги години поминати во болка и очај ми рекоа “готово е си одиш дома“, а кога мислев дека навистина е готово јас паднав.. Паднав толку силно што пак се вратив во болница. Овој пат тоа беше скршеница која уште една цела година ме задржа во таа темнина. Не знам како издржав верувајте, благодарение на мајка ми јас издржав.
После неколку години ме однесоа на контрола. Рекоа ќе мора да носи “Ортопедски чевли до крајот на животот”. Слушнав, а не верував. Во тој момент моите соништа беа срушени, јас сонував за убави чевли и потпетици, патики по мој избор. Цел живот? Колку би траел животот? Зарем вреди да дишеш ако не живееш?
Сите ме гледаа чудно, зборуваа зад мојот грб, а тоа го кршеше моето срце на илјада парчиња. Можеби немаше да издржам, ама го имав моето семејство, мојата најдобра пријателка, морав за нив да бидам силна. Не постојат пречки кои не можеме да ги надминеме, само треба да сме доволно силни и упорни. Благодарение на еден голем град, јас се прифатив себе си, бидејќи ако самиот себе не се сакаш, никој нема да те прифати.
Сите ние без разлика на нашите мани или недостатоци, ние сме единствени, ние сме ние. Времето не лечи ништо, туку само ни покажува дека ништо не е толку силно за да не можеме да го надминеме. Секој ден е нова шанса за нов подобар почеток. Секоја промена е добредојдена, само доколку цврсто веруваме во неа.
Автор: Габриела Стоимановска