На денешен ден е роден Жорже Амадо (португалски: Jorge Leal Amado de Faria) (10 август 1912, Итабуна, Бразил – 6 август 2001, Салвадор, Бразил) еден од најголемите писатели на 20-ти век, не само во латиноамерикански, туку и во светски рамки.
Амадо е роден во градот Итабуна, во јужниот дел на сојузната држава Баија. Средното училиште го завршил во градот Салвадор, каде што започнал да работи во разни весници. Во 1933 година се оженил со Матилде Гарсија Роса, а во 1935 година дипломирал право во Рио де Жанеиро. Како милитантен комунист, Амадо бил принуден да емигрира во Аргентина и во Уругвај, каде останал во период од две години.
Во 1945 година бил избран за член на Националното уставотворно собрание. Како пратеник добил најмногу гласови во сојузната држава Сао Паоло. Тој бил автор на законот за заштита на правото на слободна вероисповед. Во 1955 година се дистанцирал од милитантната политика, по што продолжил да се занимава само со книжевност.
Академија на бунтовници
Амадо се вклучил во книжевниот живот уште за време на средношколските денови, поминати во Салвадор. Таму бил еден од основачите на таканаречената „Академија на бунтовници“, а својот прв роман, „Земјата на карневалот“, го објавил во 1931 година, на осумнаесетгодишна возраст. Во 1933 година го објавил вториот роман, „Какао“, а од 1955 година започнал да се занимава само со книжевност.
Во 1961 година бил избран за член на Бразилската академија на литературата, а на неколку универзитети се стекнал со почесната титула „Doctor Honoris Causa“. Неговите книги се преведени на 49 јазици, објавени во 55 земји, а некои од нив биле адаптирани за филмови, театарски претстави и телевизиски серии.
Неговиот роман „Габриела, каранфилче и цимет“ е преведен на македонски јазик од издавачката куќа „Антолог“. Во оригинал објавена во 1958 година, оваа книга претставува една од најдобрите во бразилската литература.
Според романот се снимени три различни ТВ-серии како и игран филм од 1983 година со Марчело Мастројани во главната улога, а музика на Антонио Карлос Жобим, авторот на „Девојката од Ипанема“. Романот го на македонски јазик го преведоа Виолета Јагев и Маргарита Терзијан-Маленкова.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.