Skip to content

Легендата за Китино Кале, како археолошкиот локалитет во Кичево го добил ова име

Китино Кале е археолошки локалитет во Кичево. Локалитетот претставува утврдена населба од бронзеното и железното време и средниот век. Се наоѓа на висок рид со две платоа, кој претставува најдоминантна точка во средишниот дел на градот, каде се гледаат остатоци од темели од бедем и кули. По површината има фрагменти од керамички садови и градежен материјал. Најдени се и монети Македонија.

Тврдината (во облик во кој постоела до пред помалку од 150 години) датира од Стар Рим. Податоци за постоењето на Кичево (како Кичавис) добиваме од византискиот император Василиј II. Во тоа време градот бил доста добро утврден и претставувал значаен воено-административен и трговски центар на Самуиловото царство. Се знае дека тука престојувал и српскиот цар Урош II. Во 1282-1295 за време на војните помеѓу Византија и Србија, српскиот крал (Милутин) го освојува Кичево.

Особености

Ридот се издигнува на околу 20 метри од централното градско подрачје. Остатоците до тврдината се забележуваат, но не доминираат над околината. Пред Втората светска војна, на калето имало споменик на кралот Петар I Караѓорѓевиќ, за време на Втората светска војна имало споменик на Скендербег, додека по војната бил поставен споменик на народниот херој Олга Мицеска, кој бил отстранет во 1960-тите.

На калето постојат остатоци од темели од бедем и кули. Денес, цела се останати само Алејата на хероите и Спомен-костурницата на учесниците од НОБ, а во подножјето на ридот се наоѓа Музејот на Западна Македонија во НОВ. По површината има фрагменти од керамички садови и градежен материјал. Најдени се и монети од древна Македонија. Монетите датираат од бронзеното или железното време.

Се претпоставува дека тврдината (со градот околу) имале три бедеми и неколку квадратни кули. Надворешниот, го опкружувал градот, а двете останати служеле за одбрана. Последното ниво било каде што денес се наоѓа спомен-костурницата. Таму бил и дворецот. Од овие бедеми се откриени двата внатрешни, кои не се проучени, додека третиот не се знае каде е. Портата на последното ниво и денес малку се познава и се наоѓа на скалите пред паркот, каде сѐ уште стои една од кулите.

При градењето на спомен-костурницата, голем дел од тој дел бил уништен. Тогаш, се пронајдени и пари од времето на Александар Македонски и на Јустинијан, како и од времето на кралот Волкашин. Останатиот дел е релативно сочуван и се наоѓа под земја. Делот од градот кој се наоѓа под калето е една од старите населби, која се вика Подварош, со што се гледа дека некогаш на калето опстојувал град, односно варош. Под тврдините се наоѓале гробиштата на жителите на калето или градот. Некои од откриените гробници се правени на спратови, а месното население тврди дека тоа е така бидејќи слугата бил заедно погребуван со господарот.

Како Китиното Кале го добило своето име?

Името Китино кале го добива по Кита, сестрата на Крале Марко која живеела во дворецот на Калето. Кичево во ова време го викале и Китинград. Градот го заземаат Турците во 1385 година. Китино Кале потоа служи како седиште на турските власти. Подоцна (околу 1850г.) ја губи својата улога и е напуштено, по што на околното население му е дозволено да го користи каменот од тврдината за да гради објекти.

Напишете коментар