Литература Митови и легенди

Легендата на Марко Цепенков за Охридското езеро

За настанувањето на Охрид и Охридското Езеро, постојат многу легенди и митови. Прочитајте ја оваа интересна легенда за Охридското езеро што ја напишал Марко Цепенков:

Местото кај што е денеска Охрицкото Езеро во старо време било поле со најубави ливаѓе.

Близу до градот Орид имало едно изворче, многу длабоко и напраено како бунар со капак одозгора, да се заклопува како некоја кутија, што да нема влакно од кај да излези, нити да влезе внатре. Градо Орид бил како некое село и бидејќи немало во градот ни чешма, ни па бунар си лееле вода од изворчето, требало убао да го затвори капако. Не оти за да стои чис изворо, ами еден насиет, што му бил оставен на жените и на мажите од дедо – предедо, да го затворат изворот, оти , ако не го затворат, ќе избрзни водата и ќе му го удаи сето поле, можеби и селото.

Знаејќи оричани тој стар насиет, со голем мукает го отворале и го затворале изворот, чунки сите верувале оти, ако го остаат отворен капако, ќе избрзни водата, и за вистина тоа и нашло. Од што се страшиш и се плашиш, тоа тоа ќе те најди – што рекле старите, да тоа и нашло и комшиите наши оричани.

Се нашла една глупаа невеста што си залеала една вечер вода и од мрза, али од будалштина незина, не го затворила изворот со капакот. Штом се нашол изворот од устината надвор, та си текол , текол целата ноќ и се исполнило сето поле: станало цело блато. Кога се обзорило, отишле жени да си леат вода и што да видат – сето поле се удаило во водата од изворчето. И не могле веќе да се приберат да си залеат од изворчето вода, ами си залеале открај.

Бараа, тражија која беше таа жена што го остаи изворчето отворено, и ја нашле која невеста била, ама што да напраат, олди битти, тоа веќе се стори и не можело да се отстори. Од ден на ден растела водата, растела, дури се сторило цело езеро, како што го гледаме и денеска што е најголемо – Охридско Езеро.”

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје