Книжарниците не се обични продавници. Не се ни храмови на зборовите, библиотеки. Тие се специфични места на кои се развива зависност од мирисот на тазе печатени книги. Во нив може да се разубави денот, квалитетно да се скрати чекањето, да се направат убави спомени. Сè што напишав досега треба така да биде. Но, никако не треба да ги правите следните нешта при посета на книжарница.
Прочитајте го во продолжение списокот.
1. Читате, и продолжувате да читате, најмалку по 20 страници до секоја книга што ќе се дофатите.
2. Допирате сè – од сликовници до енциклопедии.
3. Викате, се довикувате.
4. Прашувате од врата каде може да се јадат најдобри крофни, каде може да се најде водоинсталатер во близина, до кога работи музичкото училиште од спротивната страна, бидејќи книжарите знаат сè.
5. Прашувате колку чини некоја книга и дали ја имаат во некоја друга книжара од конкурентите.
6. Книгите ги оставате насекаде по книжарата, ги виткате, листата и ги враќате наопаку на било која полица.
7. Доаѓате со ТВ препорака, по наслов кој не го знаете, автор за кој никогаш не сте чуле.
8. Му зборувате на продавачот кои лектири сте ги прочитале пред 25 години за да се види дека сте начитани.
9. Прашувате за препорака, па потоа превртувате со очите на секој наслов.
10. Ако е распродадена, прашувате во која друга книжара може да се најде и задолжително зошто е распродадена.
11. Прашувате кога Хосеини ќе објави нова книга?
12. До детали ги прераскажувате новите епизоди од Играта на тронови.
13. Правите грешка за името на авторот, насловите и бирате книги според дезенот.
14. Бирате книги исклучиво според дебелина т.е. тежина бидејќи се за плажа.
15. Се лутите ако продавачот не знае која е таа книга со шарени корици и бели букви која минатата недела била на излог.
16. Барате нешто слично на Едгар Алан По, но да не е научна фантастика, да е современо, крваво, а да не е хорор.
17. Барате сериозен трилер за желки.
18. Се кикотите додека купувате еротски роман.
19. Препишувате рецепти од готварска книга.
20. Барате речник со странски изрази од најгорната полиција, го проверувате изразот кој ве интересира и потоа го враќате речникот.
21. На децата исклучиво им купувате скратени изданија од лектирите.
22. Барате сликовница за дете од дванаесет години, и роман за пет годишно дете.
23. Читате содржини и ги оставате децата да трчаат во книжарница.
24. Спомнувате дека книгите се надминати во 21 век.
25. Целосно неповикани на човекот до вас му ја прераскажувате книгата која ја држи до последното дејство, задолжително му го кажувате и крајот.
26. Го барате “вашиот книжар“ бидејќи тие присутните во моментот во истата книжарница не знаат што сакате.
27. Од врата давате известување дека читате само сериозна литература во ова несериозно време.
28. Ако ви се укаже дека е снимен и филм по книгата што ве интересира, моментално одлучувате да го изгледате бидејќи “кој би читал ако филмот е тука“.
29. Смислувате заплет и барате да ви се најде таква книга.
30. Барате книжарот да ви го потврди секое тврдење, прашувате што читал, велите дека мора да внимава и задолжително да го прочита она што вие го цените.
Потребно е да се напомене: овие се вистински случувања, намерно ублажени. Има уште многу нешта што не се прават во книжара: не се влегува со храна, валкани раце, бесен, додека се разговара, само да се купи нешто фантастично додека автомобилот надвор е паркиран непрописно и имате 75 секунди.
Ова е веќе прашање за бонтон и некултура на која не ѝ е место во книжарницата. Ниту во овој текст. Ние сме сигурни дека вие сте културни посетители на книжарниците. Овој текст е само потсетник што сè не треба да се прави и е само еден негативен пример на непожелни однесувања при купување книги. Ако се пронајдете во некое однесување од списокот, не го сфаќајте како навреда, туку следен пат променете го тоа.
Прочитајте и дознајте кои се откачените навики на книгољупците што другите потешко ги разбираат.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.