Детско катче Родители и деца

Како да правите разлика помеѓу страв, анксиозност и фобија кај деца?

Стравот, анксиозноста и фобијата имаат различни дефиниции, но ист корен. Сепак треба да се прави разлика помеѓу нив, и истите да се препознаваат.

Стравовите треба да се одвојат од анксиозноста и фобијата. Стравовите претставуваат нешто што објективно може да се набљудува како опасно. На пример како што се насилни родители или струјно коло па нивното избегнување се чини разумно, а реакцијата може да биде обоена со страв. Од друга страна, ако некој објект или ситуација не се објективно опасни тогаш реакцијата се чини како неадекватна и може да се нарече анксиозност или фобија.

Децата некогаш тешко го разликуваат реалното од замисленото бидејќи имаат лимитирани когнитивни способности и реагираат анксиозно на безбедни и неутрални објекти. Нивното мислење се карактеризира со анимизам (им даваат живот на неживи предмети), егоцентризам (ги мешаат сопствената мотивација и чувствата со туѓите чувства), конкретност (мала интерпретација на искуства) и ограничен капацитет за разбирање на поимот време и простор. Детскиот развој често го карактеризираат многубројни стравови.

Страв

Стравот подразбира интензивна реакција на надворешната ситуација која е објективно опасна или објективно безбедна, но детето поради својата возраст ја толкува како опасна. Стравот не го слабее детето, ниту влијае многу на неговиот живот. Терапевтските интервенции ако се воопшто потребни се сведуваат на објаснување на родителите и можеби на детето дека стравовите се нормални.

Фобија

Фобијата вклучува претерана реакција на страв (вклучувајќи и опсесивно избегнување) од некој надворешен објект или ситуација кои не се развојно адекватни ниту претставуваат објективна опасност. Исто така, може да биде претерана реакција на некој настан кој е навистина аверзивен и опасен.  Во двата случаи постои уверување дека настанот е опасен, дека е тоа ужасно искуство и дека поради него мора да се биде преплашен до смрт. Со ваквото уверување реакцијата е со силен интензитет, трае подолго и е фреквентна. Пример социјална фобија или фобија од кучиња.

Анксиозност

Анксиозноста е претерана реакција на страв поради потенцијални последици од некое надворешно случување, а не реакција на самиот настан. Пример, детето пред контролен тест стравува од можноста дека нема да знае ништо и дека ќе добие единица. Стравот се јавува како и последица на мислата дека “другарите во класот ќе мислат дека е глупаво“. Понатаму самото дете ќе биде незадоволно со себе или ќе стравува дека родителите ќе го критикуваат. Типичното е стравувањето од лошите последици кои доведуваат до силни емоции (анксиозност, депресивност, безвредност), за кои децата веруваат дека се страшни ако ги доживеат. Интензитетот, траењето и фреквенцијата се значајни.

Доколку се соочувате со дете кое има проблеми поврзани со страв, не очајувајте. Многу родители се наоѓаат во истата ситуација како вашата. Нема простор за паника, туку реагирање со смиреност и огромна трпеливост. Разговарањето со децата е од исклучителна важност. Терајте ги да зборуваат за нештата кои ги плашат, кажете им да ги опишат стравовите, па дури и да ви ги нацртаат.

Дознајте и како неповрзаноста на децата и родителите влијае на управувањето со емоциите. 

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје