Skip to content

Предлог книга – Смртта на Смаил-ага Ченгиќ од Иван Мажураниќ

Смртта на Смаил-ага Ченгиќ (хрватски: Smrt Smail-age Čengijića) е поема на Иван Мажураниќ, составена од пет епски песни: „Агување“ (Agovanje), „Ноќен патник“ (Noćnik), „Чета“ (Četa), „Арач“ (Harač) и „Прокоба“ (Kob). Раскажувањето е проткаено со лирски дигресии преку кои Мажураниќ искажал свои мисли и чувства. Предмет на поемата е еден историски настан од животот на Црногорците – убиството на Смаил-ага Ченгиќ во 1840 година, настан за којшто многу пишувале тогашните српски и хрватски новини. Мажураниќ ги прикажал злосторствата и насилствата што ги вршел турскиот поробувач врз рајата и борбата на Црногорците за уништување на тиранијата.

Во својот илирски и словенски занос, Мажураниќ отстапил од историската вистина, затоа што имал за цел на настанот да му додаде широко значење и во главниот лик не толку да го прикаже вистинскиот Смаил-ага колку во него да претстави тип на тиранин во времето на турското ропство.

Кратка содржина

Секоја од петте песни во поемата за себе претставува завршена содржинаска целина.

Агување

Агување е слика на турската средина во која господари Смаил-ага. Во Столац, тој ги повикува слугите и им наредува да му ги доведат заробените Црногорци во Битката кај реката Морача и старецот Дурак, што ги посоветувал да ги ослободи. Заробениците се доведени и агата ги дарува, им одредува на кој начин ке умрат – едни со набивање на колец, други со бесење на јаже а трети со сечење на главата со пала (кратка сабја). Црногорците храбро ја поднесуваат маченичката смрт, никој не пушта глас.

Ноќен патник

Во Ноќен патник Мажураниќ раскажува за Новица, кој решил да му се одмазди на својот свиреп господар. Тој преоблечен во црногорска национална носија се пробива низ Црна Гора со цел да дојде кај владиката, поглаварот на Црногорците.

Чета

Чета е слика на христијанската црногорска средина. Во Црна Гора тајно се собира одмаздничка чета. Таа е малобројна, одмазниците се млади луѓе кои не се одбрани ни по убавина ни по богатство туку по срце јуначко. Тие имаат една цел – да го погубат Смаил-ага.

Арач

Во Арач е даден судирот меѓу двете средини, турската и христијанската. Смаил-ага дошол на Гацко поле со својата придружба да собира арач. Тој е пред својот шатор и чека да се вратат арачлиите но наместо да го донесат она што го барал тие ја воделе рајата како залог за тоа што не давала арач.Агата е замислен, во срцето му се зародува страв од неуспехот. За да се успокои му наредува на гусларот Баук да го воспее во песна, да го овековечи. Овој му пее песна за Ризван-ага кого песната го памети како нечовек – „Рѓа беше Ризван-ага силни!“

Смаил-ага се препознава сбеси во песната и уште погневен сака да нареди нови пострашни маки за рајата. Во тој момент напаѓа четата. Ноќта е темна и бурна. Агата сака да го искористи мракот и да побегне но во моментот кога се качува на коњот го убива Мирко. Новица, кој сакал лично да му се одмазди на агата, му ја пресекува главата, а пак еден Турчин го убива него. Почнува да истура дожд а четата се прибира во шаторите на агата на заслужен одмор.

Прокоба

Прокоба е најкусата песна во поемата и претставува една симболична слика. Во неа во вид на прашања и одговори Мажураниќ кажува дека под Ловќен се наоѓа една визба каде има една мало Турче облечено во сјајната облека на Смаил-ага и накитено со неговото позлатено оружје. Ако посетителот што дошол да го види тропне со ногата тоа ќе му се поклони зашто не останало ништо во него од страшниот и силен Смртта на Смаил-ага Ченгиќ. Преку оваа симболична слика, Мажураниќ ја искажал идејата за непостојаноста во животот – „Ништо не е вечно, ни ропство ни тиранијата!“

Во поемата Мажураниќ спротивставува два типа ликови: од една страна, Смаил-ага и Турците, кои крвнички го измачуваат христијанското население, а од друга страна, Црногорците како разумни луѓе, големи борци за честа, слободата и татковината. Неговиот Смаил-ага не е копија на историската личност, туку симбол на насилник, воопшто. Како таков, тој во душата е кукавица, а тоа го покрива со измачувањето на послабите.

Напишете коментар