Анксиозните нарушувања се најзастапени проблеми на менталното здравје во општата популација. Можат да бидат последица од генетски предиспозиции, тешки животни случувања. Како и да се предизвикани од секојдневниот стресен начин на живот кој во денешницата го имаат значаен број луѓе.
Самото постоење на дијагноза за некое од анксиозните нарушувања не ни говори многу. Туку се поставува прашањето колку покачената анксиозност пречи за секојдневното функционирање на индивидуата. Потоа важно е да се знае што претставува предизвик на дневно ниво за таквата личност. Колку се изразени и зачестени симптомите, дали ја блокираат и слично.
Голем број луѓе кои се среќаваат со зголемена анксиозност односно со некој облик од анксиозните нарушувања, се соочуваат со она што се нарекува високо функционална анксиозност. Во понатамошниот текст ќе се обидеме да објасниме што значи таа.
Индивидуата за која велиме дека се соочува со високо функционална анксиозност во состојба е да ги извршува сите свои дневни обврски. Ги исполнува обврските поврзани со училиште, факултет, кариера, добро функционира во меѓучовечки односи – има друштвен живот, негува партнерски однос, добро функционира во семејно опкружување.
Паничните напади и/или анксиозноста не се интензивни и парализирачки во тој степен за да доведат до отсуство од работа.
Ниту пак се запоставуваат обврските, пријателите, партнерот, како што е тоа чест случај со дисфункционална анксиозност. Тоа се луѓе што не се стремат да избегнуваат ситуации кои се потенцијални предизвикувачи на анксиозност, и нивната дневна рутина е добро структурирана.
Не им е потребна хоспитализација, успешно се носат со проблемот. Ним не им треба медикаментозна терапија или ја земаат само повремено. Се вклучуваат во психотерапевтски процес за да ги совладаат вештините и техниките за управување со стресот и повременото преплавување со нездрави емоции и симптоми.
Како функционираат луѓето со високо функционална анксиозност?
Значи, овие се луѓе кои во своето опкружување делуваат сосема во ред, за кои никој никогаш не би рекол дека се соочуваат со некој вид ментално нарушување. Меѓутоа, присутна е внатрешна напнатост која е често константна, проследена со сите симптоми кои анксиозноста ги носи со себе. Тоа се огледа во тоа што овие индивидуи себеси си поставуваат високи цели, т.е. тежнеат кон совршенство.
Со така поставените цели кои често во себе содржат апсолутистички барања, човекот себеси си создава постојан притисок и постојано е „како на игли“. (Пример: Јас мора да имам висок просек на факултет. Ако не е така, јас сум неспособен“, „Сите мора да бидат фер кон мене“, „Во рок од 3 месеци мора да добијам унапредување. Ако не се случи тоа, ќе биде ужасно, неподносливо“. „Мојот партнер мора да биде совршен“.) Кога ќе им се исполнат одредени цели, се фокусираат на некои други неуспеси и грешки, бидејќи главно ништо не е доволно добро.
Тие апсолутистички барања кои постојат во зацртаните цели и стандарди се оние што индивидуата постојано ја држат со зголемена анксиозност. Според ова, ако можете да се пронајдете во претходните примери, обидете се зборот „морам“ да го замените со „би било добро“ или „би сакал/а“
Примери за посоодветно зацртани цели
Пример: „Би било добро кога би добивал/а десетки и би имал/а висок просек бидејќи се трудам, но во ред е ако добијам и некоја пониска оцена. Тоа не е доказ дека сум неспособен/на, оцената не е мерило за мојата личност“.
„Би сакала сите да бидат фер кон мене, но свесен/на сум дека тоа е невозможно. Луѓето се различни и ако некој не ме почитува тоа е во ред, не мора да значи дека проблемот е во мене“.
„Би било добро мојот партнер да има колку што е можно повеќе квалитети, но сите сме несовршени. Сосема е во ред и да очекуваме некој да има одредени мани“.
„Би сакал/а да добијам унапредување во најскоро време и ќе дадам сè од себе тоа да се случи. Но не е ужасно и ако не дојде до тоа. Јас можам да го прифатам“.
Забележете како се чувствувате кога своите цели ќе ги поставите на овој начин. Дали нивото на анксиозност е пониско?
Високо функционалната анксиозност не се наоѓа како официјална дијагноза, но важно е да се знае дека и таа доколку остане непрепознаена и/или доколку не се работи на усвојување вештини за справување со животниот стрес кој е неизбежен може да се влоши и да доведе до депресивна состојба. Потоа доведува до постојано чувство на необјаснива вина и други нездрави блокирачки емоции. Раната интервенција е многу значајна, и дава добри резултати.
Прочитајте ги советите кои ќе ви помогнат за полесно надминување на исцрпеност при зголемена анксиозност.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.