Вашиот глас Литература Проза

Каде се крие среќата? – Силвана Панева

Никогаш нема да го заборавам својот осумнаесетти роденден, секако дека не очекував торта или некое пријатно изненадување, но, маќеата ми го урна сонот за мојата мајка. Не велам дека татко ми беше китка за мирисање, сакаше да се напие неколку чашки ракија. Единствено тогаш го гледав насмеан, можеби, со алкохолот си ја лечеше душата?! Од некаде се појави таа, му го нашла шишето со ракија и урлаше на цел глас:

– Требало љубовникот на бившата жена да те убие! Леле, кутрата јас! Барем немаше да бидам жена на ноторен пијаница. По цел ден се грижам за нашите близнаци и твојот син, кој дури родената мајка го оставила.  А ти само на пиење мислиш.

Татко ми пребледе и со очите ѝ даваше знак да престане да зборува, но, откако ги слушнав одвратните зборови, без збор излегов од куќата. Во таа куќа немаше смеа или убав збор. Врескањата на маќеата беа секојдневие, а татко ми најмногу се бранеше со молчење. Знаев каде да ги добијам одговорите на клеветите.

Уште од малечок сонував дека мајка ми ќе дојде некој ден и, ако не сака да ме земе со себе, барем ќе можам конечно да ја видам. Никогаш не сум плачел претходно, научив проблемите сам да си ги решавам. Но, сега солзите сами ми течеа, и со липање влетав во куќата на тетката на татко ми. Всушност, тоа е жената која ми беше замена за мајка, кај неа живеев сè додека од Романија не се преселивме во Македонија.

Цели девет години ме чуваше како свое дете. Во нивната куќа сите проблеми се решаваа на маса, и кога изнервиран влегов внатре,  беше подготвена да ме сослуша и советува. Се викаше Доца и ја сакав најмногу од сите. Од милост ја викав Мајка. Без заобиколување сакав да ми го каже она кое сите го знаат, освен мене. Мајка Доца живееше со едниот син и фамилијата, другиот се иссели пред извесно време во своја куќа.

Целиот нејзин живот бил борба за преживување. За време на Грѓанската војна во Грција, Македонците ги протерале, и таа со трите сина, мажот и мојот татко, одлучиле да не ги трпат тортурите и  да побегнат за Романија. Патот до слободата бил долг и неизвесен, а од студ починал најмалиот син и мажот.

Голема болка носеше во душата, но  зборови ѝ беа благи и секогаш ме смируваа. Седнавме на масата, ми даде чаша вода и се согласи да ми ја раскаже  тажната приказна, за  која подоцна зажалив што ја слушнав. И требаше неколку минути и почна да зборува:

– Надја – твојата мајка те роди на шеснаесет години, а татко ти имаше неколку години повеќе, беа млади и отидоа сами да живеат. Еден ден татко ти си дошол порано од работа и во заедничката постела ја затекол со друг маж. Ти имаше шест месеци и веројатно си спиел. Почнале да се тепат двајцата мажи, а љубовникот го зел кујнскиот нож и го прободел татко ти во градите. Потоа, очевидци кажаа дека побегнале и двајцата. Татко ти одвај спаси жива глава, цела година беше во болница. Јас отогаш ја презедов грижата за тебе!

Наеднаш ми се гадеше од постапката на родената мајка, и викнав колку ме држи глас:

“Колку ја мразам! Затоа ли никогаш не ми ја кажавте вистината. Па таа била прав ѓавол. Ја мразам! Ја мразам!”

– Немој синко – рече Мајка Доца. Не си ја полни душата со отрови, таа веројатно секој ден од животот се мрази за сопствената постапка. Ти си паметно момче и јас верувам дека од тебе ќе биде Човек!

Кога си заминав од таму се сетив кога на неполни дванаесет години работев во лојзињата на богатите луѓе. Од  добиените пари си купив велосипед, не го возев јас, само го чистев и го изнајмував на децата за ситни пари. Од тие пари си купив облека за последниот училишен час, сакав секогаш да сум среден и убаво облечен. Не се срамев од работа, и за некое чудо по две години се вработив во државна фирма, каде земав солидна плата.

Кога ја запознав Зорица знаев дека е вистинската жена за мене, убаво се смееше , беше ведра и харизматична личност. По кратко време станавме маж и жена, кои имаат само: љубов, разбирање и големи соништа за во иднина. Тоа ни беше сосема доволно да бидеме среќни. Двете деца ни го разубавуваа секојдневието, а Зорица до ден денешен е вистинска мајка – лавица.

Тоа што го немав јас моите деца го имаа во изобилие, среќен дом и посветени родители. Подоцна добив понуда од добар пријател да отворам Златара. Ризикувавме со мојата Зорица,  ја напуштив работата и почнавме да работиме напорно. Не ни беше секогаш лесен патот, имаше такви кои и сопки ни правеа.

Не сум човек кој лесно се предава, можев да бирам дали ќе бидам жртва или победник? Единствената разлика е што жртвите се предаваат веднаш после евентуалниот неуспех, а победниците паѓаат и стануваат, и на крајот своите неуспеси ги претвараат во победи. Со годините успеавме да купиме неколку дуќани и отворивме повеќе златари. Секогаш знаев да го почитувам и вреднувам она што со многу мака го создадовме како фамилија.

Пред да почине татко ми, посака за последен пат да зборува со мене. Неговите секогаш тажни очи за првпат ги видов сјајни. Тогаш ми ја даде заедничката фотографија со мајка ми и кажа дека никогаш не престанал да ја сака. Бев тажен по неговото заминување, зашто имаше тажен и неисполнет живот.

Во детството со восхит ги гледав големите и убави куќи, сакав, некогаш  да имам таква куќа за мојата фамилија. Тогаш бев несреќен и осамен, и мислев дека доволно е  да имаш убава куќа и така ќе бидеш среќен. Денес живеам во убава куќа и знам дека  материјални добра, сепак не те прават вистински среќен. Не знам дали има дефиниција за среќа, но тоа е нешто што не може да се опише со зборови. Едноставно, ја живееш среќата!

Од денешна дистанца одамна ѝ простив на мајка ми, иако само ме родила и ме напуштила. Сепак тоа е нејзин грев! Никогаш не посака да ме види, само таа си ги знае причините за тој избор. Понекогаш, размислувам дека сум можел да завршам во затвор или да бидам незадоволен човек полн со пороци и лични фрустрации. Сепак, благодарение на Мајка Доца и мојата слободна волја, одбрав да бидам човек кој секогаш ќе му се радува на животот. Мислам дека го избрав вистинскиот пат.

Автор: Силвана Панева

Слични написи

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Крајбрежје