Skip to content

Одблизу запознајте се со творештвото на неповторливиот Ацо Шопов

Ацо Шопов бил роден на 20 декември 1923 година во Штип, а починал во Скопје на 20 април 1982 г. Во Штип завршил основно училиште и гимназија, а Филозофски факултет во Скопје. Шопов бил активен учесник во НОБ од 1941 година.
По ослободувањето, работел и живеел во Скопје, каде бил уредник на неколку литературни списанија. Објавил повеќе збирки поезија, но и активно преведувал, претежно од југословенски автори, но и дела од Шекспир, Корнеј, Крилов и др. Шопов е еден од основоположниците на современата македонска книжевност. Неговата прва збирка Песни (1944) e првата книга на македонски јазик објавена во слободна Македонија. Ацо Шопов позади себе има оставено навистина богато творештво.

Ја издвојуваме песната Очи“, која е тажачка по загинатата другарка – соборец, Вера Јоциќ. Таа има баладичен, елегичен тон и претставува тажно сеќавање на трите долги дена кога партизаните ја носеле својата другарка на раце низ македонските планини. Тие се неми сведоци на нејзиното бавно умирање, но и сведоци на нејзината бестрашност и храброст. Смртно ранетата партизанка ги изговорува во шепот своите проштални зборови. Болката заради нејзината смрт кај борците предизвикува желба за одмазда, желба да се продолжи со борбата, да се биде како неа. Блесокот на нејзините очи се вселува во очите на нејзините другари. Тој блесок е поттикот за новите борби за слобода.

Извадок од Очи

Три дена на раце те носевме збрана,
со тага и болка на погледот срцен,
и секоја капка на твојата рана
ко крвава жар ни капеше в срце.

Другарите беа и морни и гладни
со згорени грла и свиени плеќи
со тап бол се впија во очите ладни
и жалеа оти не ќе пламнат веќе.

Но јас знаев оти пак ке вивнат в жарој
и борците под нив ќе цветат и раснат,
в студените утра ќе греат ко сонце
и никога нема да стијнат и згаснат.

Поезија

Стихови на маката и радоста;

Слеј се со тишината;

Ветрот носи убаво време;

Небиднина;

Раѓање на зборот;

Јус-универзум;

Гледач во пепелта;

Песна на црната жена;

Награди

Наградата „Кочо Рацин“ за делото „Слеј се со тишината“

Наградата „11 Октомври“ за препевот на „Хамлет“

Наградата на Змаевите детски игри за препевот на песните на Јован Јовановиќ-Змај

Наградата „Кочо Рацин“ за збирката „Гледач во пепелта“

Наградата „Браќа Миладиновци“ за збирката „Песна за црната жена“

Наградата „11 Октомври“ за животно дело

Напишете коментар