Не е сосема случајно што одлучив да пишувам на темава токму во понеделник. Во неколку наврати имам кажано дека ги сакам понеделниците. Зошто? Бидејќи ме асоцираат на нови почетоци, на нешто ново. Истото го мислам за сите останати денови. Сите тие се нови шанси што ги имаме на располагање.
Но со првиот ден од неделата, посебно кога е работен повеќето немаат добар “однос“. Го означува крајот на викендот и почеток на работната седмица, а многумина би сакале наместо да се на работно место, да се некаде подалеку од таму. Ова посебно важи за време на летните одмори. И посебно кога времето надвор е убаво и пријатно.
Сосема е природно да сакаме да бидеме слободни, да сме изложени на сончеви зраци, на пријатен воздух, да се движиме без ограничување и да уживаме во денот по наша мера. За време на годишниот одмор ја имаме оваа слобода што се чека преку цела година.
Моментот кога тој завршува и повторно почнуваат рутинските честопати монотони работни обврски им е најомразен на луѓето што сакаат подолго време да одмараат. Вистината е дека секому може да му дојде преку глава од работни задачи. Посебно кога некој е премногу ангажиран, и самиот се форсира да постигне повеќе и од доволно, кој сака да го извади максимумот, многу поверојатно е дека ќе му треба повеќе одмор.
Дајте си ја паузата што ја заслужувате кога имате шанса. Важно е да запомниме дека не сме роботи. Од друга страна пак, што би било ако не би се ангажирале во текот на денот? Дури и кога човек не оди на работа, треба да има одреден вид обврски што треба да ги заврши. Ако не би се ангажирале самите би личеле на домашниот миленик којшто само јаде, лежи, спие и извршува физиолошки потреби.
Ако сакаме да бидеме корисни првенствено за себе, треба да направиме нешто, што ќе не “придвижи“. Можеме да бидеме придвижени на различни начини. Секој миг имаме можност да започнеме нешто ново. Само без многу размислување дали ќе вреди и дали би било тешко, бидејќи со преиспитување мала е веројатноста дека би започнале било што.
Која е мојата порака?
Не се колебајте, исфрлете ги сите несигурности и длабоко верувајте во себе. Сите претходни неуспеси се составен дел од успехот. Патот од илјада километри започнува со само еден единствен чекор. Што е важно за да стигнете до илјадитиот километар? Да продолжите да се движите без оглед на сè. Да не застанете и да не се враќате назад. Ако запрете некаде по патот тоа нека биде краток одмор. Само за да погледнете колку километри сте поминале дотука, а потоа пак да продолжите напред. Без оглед на условите, тешкотиите, препреките, секогаш правете чекори.
Колку и да е бавно чекорењето, сепак се брои. Малечките победи во текот на денот се дестинација поблиску до остварување на вашата цел. Не ја занемарувајте моќта на позитивното размислување. На барањето светлина и во најмрачниот тунел. На пронаоѓање зрно надеж и во навидум безизлезна и безнадежна ситуација. Зошто?
Бидејќи секогаш постои начин, и има решение. Не сте заглавени во бесконечен лавиринт од кој нема излез. Секогаш постојат опции што ќе ги имате на располагање, иако на прв поглед можеби нема да можете да ги видите. Само верувајте во себе и во своите замисли.
Не се откажувајте од вашите намери и цели. Правете ситни, но сигурни чекори кон нивно остварување! Кога ви е најтешко, мислите дека нема зошто да продолжите, само сетете се на ова: „Секој ден, секоја минута и секоја секунда е нова шанса за нов почеток“.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.