Коле Неделковски роден како Никола Крстев Неделков (16 декември 1912 – 2 септември 1941) бил истакнат македонски поет и комунист меѓу двете светски војни. Бил роден во селото Војница, близу Велес. Тој бил син на бедно земјоделско и сиромашно семејство.
Своето основно образование го започнал во локално подрачно училиште во с. Војница и бил одличен ученик. Гимназиското образование го започнал како велешки гимназијалец.
Летото 1941 година, поточно во месец август, излегла од печат збирката песни „Пеш по светот“, а дванаесет дена подоцна бил откриен од страна на полицијата како разнесувач на летоци. Полицијата ја блокирала зградата во којашто тој живеел. Сиот материјал што можел да ги компромитира неговите другари, Неделковски го уништил давајќи им оружен отпор на преследувачите.
Kога веќе сè било јасно, поетот се фрлил од прозорецот на својата мансарда врз тротоарот на улицата. Постојат сомневања за смртта на поетот, односо сомнежи за тоа дали бил фрлен од полицајците или самиот скокнал преку прозорецот на неговата соба. Сведоците на настанот потврдуваат само дека слушнале експлозија на бомба во зградата, а потоа виделе како Неделковски паѓа на плочникот. По Втората светска војна на местото на настанот е поставена спомен плоча, која подоцна исчезнува.
Песната на Коле Неделковски „Глас од Македонија“ е една од најпознатите патриотско-револуционерни песни во македонската литература. Прочитајте ја во продолжение.
Глас од Македонија
О, трајте, трајте, тирани недни!
Доста се тија лаги и злоба —
пакосен глас од устите гадни
над мојот народ у секоја доба.
Та ете веќ векови цели
писка и стенка од волци гости –
за брата вијат кој да го дели
за да му глода сувите коски.
Па нека сега сам да си реши
со своја волја судба и сева,
в животот еднаш сам да се теши,
д’издигне славно свој род без врева.
Та Шар и Пирин дружно да викнат
родната песна в небеса темни
и бурниот Егеј — на век да плиска
тешкиот глас на новите химни.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.