Денешниот празник да го прославиме со стихови посветени на татковината од нашиот поет Гане Тодоровски кој често ја опеваше македонската судбина.
Кон татковината
Делнична мисла на луѓето ти не си им
освен на оние, кои за тоа се платени
Децата првпат те сретнуваат низ песните,
пред сѐ ко поим одвеќе книжно сфатен.
Но, кога тие ги слушнат свидните имиња
на Делчев, Петров, Сандански или Ацев,
тогаш ти веќе кокретна форма зимаш
в пригодна песна или во плескање раце.
Понекојпат се случува и ние на малечките
да им раскажуваме за тебе нешто поблиско,
за тебе земјо татковска, за тебе мечто Делчева,
за тебе првенче октомвриско.
Денот наш полн е со грижи и проблеми:
дете разболено, дрва, пари за нешто ново.
Проштевај мајко ако ти не си тема
тогаш во нашите најинтимни разговори.
Катаден мислите во безброј грижи ги топиме,
нашите желби низ што ли не се протињааат.
Не сметај дека в забрава сме те закопале
името твое помалку штом го спомињаме.
Но, кога празникот ги насмевне улиците
и ги претвори со мажи, деца, жени,
не ли се чита во секое наше лице
колку те љубиме тебе, колку те цениме!
И кога некој повод ги качи врз трибините
долгите говори името што ти го слават,
на кој ли морници низ жили не му минат
пред сето она што кај нас е направено.
Ако пак некаде започнат да ја пеат
„Денес над Македонија“ со гласови разлеани,
верувај дека тогаш луѓето в срце те греат
сеедно дали на митинг или во некоја меана.
Остави нека секој по своему те љуби,
пред тебе стои патот да крепнеш и да младееш,
и нема нужда сите на еден глас да трубиме
дека најскапото за тебе ќе го дадеме.
Воздишки, смеа, нерадост, радост, плачења…
Патот низ животот знае за многу бои.
Но, некој признае ли сводот да ти го смрачи
тие сме колепко, уз тебе што ќе стоиме.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.