Skip to content

Како може да им се помогне на депресивните адолесценти?

Многупати пишувавме за депресијата. Овде пишувавме како да се прави разлика помеѓу страв, анксиозност и фобија кај деца. Депресијата е склоп на симптоми кои се одразуваат на емоционален, когнитивен, бихевиорален и физиолошки план. Истите се присутни во континуитет повеќе недели или месеци.

Сè почесто слушаме дека голема е бројката на млади лица што се соочуваат со оваа состојба. Во извештаите од СЗО, депресијата се наведува како еден од главните причинители за многу други болести и проблеми кај младите помеѓу 10 и 19 години. Ако благовремено се препознае поголеми се шансите од една страна да се пружи адекватна помош, а од друга страна се намалува шансата да се вратат депресивните епизоди.

Депресивниот адолесцент нема туку така сам да се обрати за психолошка помош, дури ни на блиски луѓе или пријатели дури и ако ги споделува своите мисли и чувства. Значаен чекор за ментално здравје и стабилност особено во текот на адолесценција е функционално семејство и врсничка група. Со тоа блиските луѓе, социјалната поддршка во препознавање и преземање чекори за помош на адолесцентот се клучна алка.

Во продолжение ќе прочитате што можете да направите кога станува збор за помагање на депресивен адолесцент.

Каква е улогата на родителите, што можат тие да преземат?
Комуникација

Слушајте го тинејџерот и не ги правете неважни неговите чувства. Ако неговата тага и болка ја окарактеризирате како „Ништо не ти е, ќе ти помине“, му праќате порака дека не ги разбирате неговите чувства сериозно. После ова постои шанса нареден пат да нема да сака со вас ништо да сподели. Ако адолесцентот е свесен дека може да ви се довери и дека нема да наиде на неразбирање („Си замислуваш/Не ти е ништо/Ти си само разгален/а/Тоа е само твојата мрзливост, раздвижи се!“ и слично), тоа во некој момент ќе го направи.

Иако тој/таа сака да зборува за своите чувства баш кога и вие ќе сакате, бидете му на располагање кога сака да го направи тој чекор. Ако тинејџерот ве убедува дека сè е во ред, а вас инстинктот ви вели поинаку, посоветувајте се со стручњак за симптомите што ги покажува и дали е потребно да се преземе нешто.

Социјална интеракција

Потрудете се во секој ден да одвоите време кога во целост ќе бидете фокусирани на својот адолесцент. На тој начин ќе му ставите до знаење дека кај вас може да има поддршка, разбирање, блискост. Охрабрете го да одговара на повиците на пријателите, да ги поканува кај себе, да се вклучува во вонучилишни активности кои се во склад со неговите интересирања.

Посакувана е и волонтерска работа низ која ќе може да им помага на другите – докажано е дека активности од тој тип го подобруваат расположението и ја зацврстуваат самодовербата. Бидејќи предизвикуваат чувство за корисност наспроти безнадежност.

Здрави животни навики

Физичка активност, и движењето само по себе делува како антидепресив. Под ова не се подразбираат напорни тренинзи. Сосема е во ред задачата на адолесцентот пример да биде шетање на кучето или обична прошетка во парк. Ако не е мотивиран за самостојни физички активности, може да се смислат заеднички како прошетка, одење на базен, возење велосипед, танцување на омилената музика.

Важна е и здравата исхрана, како и квалитетен сон. Овде може да се додаде и ограничување на времето поминато пред екраните.

Стручна помош

Кога претходното наведено не ги дава задоволителните резултати, професионалната помош е неопходна за проблемот да не се усложни. При избор на стручното лице треба да се уважат критериумите кои ги има адолесцентот. Тука спаѓаат следниве: дали сака неговиот советник/терапевт да биде машко или женско, на која возраст да биде и слично.

Ова ќе му ја засили мотивацијата за вклучување во третманот како и за сојузнички однос со идниот советник/терапевт.

Важно е и родителите да бидат вклучени во третманот. На кој начин?

Ќе следите дали вашиот адолесцент ги применува техниките со кои работи низ сеансите, и дали ако е препишана редовно ја зема медикаментозната терапија.

На неговиот терапевт ќе му укажете на евентуални влошувања, како и на подобрувања во кои самиот адолесцент нема увид.

Ќе ги почитувате своите задачи и задолжение ако и вас ви бидат доделени од страна на советникот.

Не е нужно да бидете упатени за сè што адолесцентот зборува на сеансите, почитувајте ја неговата потреба за приватност. Обврска на стручното лице е секако да ви обрне внимание на важните нешта или ако адолесцентот е на некој начин загрозен.

Трпение

Ова е неопходно и кога е во прашање адолесцент и кога се во прашање родителите. Закрепнувањето може да трае подолго или пократко, индивидуално е. Дури и кога адолесцентот е вклучен во советодавен/психотерапевтски процес, може да поминат повеќе недели или месеци пред да се воочи промена.

Вашата љубов и поддршка во сето тоа му се неопходни. Немојте да мислите дека нешто се “подразбира“, почесто вербализирајте ги своите чувства. Надминувањето на депресијата е процес кој има свои подеми и падови. Важно е да се биде свесен за секој, дури и за најмал напредок.

Прочитајте и кои се најчестите грешки на родителите кои ја уништуваат менталната сила кај децата!

Напишете коментар