„Колку е долг патот до среќата?“ Ова е првото прашање што си го поставив после прочитот на овој роман. На него се надоврза: „Колку животи треба да се испреплетат за да се среди нечиј друг?“. Книгата „Близнаци“ како прв роман за возрасни на писателката Емилија е составен од три дела во кои се содржани различни теми. Темите содржински склопени, убаво надополнувајќи се една со друга ја сочинуваат целината.
Несреќна, но голема љубов
Преку раскажување на животната судбина на два главни лика, потоа како главен носител на дејствието машкиот лик ќе чекори по патот принуден да прифати крупни, сурови и поинакви животни предизвици. Што сè човек нема да направи во името на љубовта? Сосема на почетокот накратко е опишана големата, но несреќна љубов на Марија и Гоце која вродува со плод на “две капки роса“ како што ги нарекува авторката бебињата што ќе се родат.
Разделени поради недозволената врска, без целосно откривање на убава вест, секој од нив е принуден да тргне по својот пат. Бидејќи не припаѓаат од иста класа, Гоце е принуден да замине Италија за да заработи доволно, за да може да ги задоволи барањата на алчниот татко на Марија. Богаташот сакајќи да ѝ овозможи убав живот на својата ќерка, тој ѝ го упропастува, а таа го казнува со исчезнување.
Протагонистот се снаоѓа како што умее, запаѓа во кризи, постојано е во исчекување, го мачат доста прашања, но за среќа секогаш наидува на решенија од проблемите во кои се најдува. Судбината го спојува со добри и благословени луѓе што му стануваат пријатели, му ги отвораат вратите и го прифаќаат како нивен близок роднина.
Во меѓувреме, додека тој е на печалба неговите деца се разделени и живеат одвоено без да знаат за меѓусебното постоење. Единствената алка што ги зближува, покрај истата крв, се синџирчињата што ги носат на нивните вратови од раѓање.
Темите во романот
Романот изобилува со теми од социјална природа, општествени прашања, хуманост, добрина, љубов, социјален статус, религиски прашања и поуки…Иако лесно читлив во себе содржи тешки, речиси длабоки приказни терајќи го читателот да си поставува најразлични прашања. Поврзани и со него самиот, но и се запрашува за судбините на ликовите во книгата.
Читајќи ги страниците имате чувство како самата авторка да ви ги раскажува животните приказни на некои далечни роднини. Дел по дел полека откривајќи го завршетокот, нè воведува накратко и во животите на сите други ликови со кои им се вкрстуваат патиштата на главните ликови.
Книгата, иако плод на голема имагинација, која може да биде дел од реалноста, изобилува со хуманистички постапки, добри дела кои ја враќаат вербата во човештвото. Носи силна порака, поучува на важни животни лекции што сите треба да ги знаат. Величењето на создателот, спасителот и грешникот кој умира за искупување на човечките гревови, е совршено опишано преку неколку главни настани.
Тој односно неговиот глас, се јавува како водечки мотив во речиси сите постапки на главните јунаци. Духовно пробудување доживуваат ликовите кои се одлучуваат да го следат неговиот пат. Склопот на уметности и дарби што ги имаат таткото и децата се убаво распоредени помеѓу нив и се причина за неочекуваниот пресврт. Тие пак зборуваат силно за волјата на севишниот.
Некаде пред самиот крај, надежта за среќен крај повторно му се враќа на читателот, а сцената на враќањето на протагонистот во родниот крај изобилува со исклучително емотивен набој. Како и неочекуваните средби после тоа.
Дали конечно Гоце ќе успее да ја пронајде Марија и ќе дознае за нивните две дечиња? Ќе се покаже ли дека љубовта накрај ќе победи и покрај сè дека таа е најголемото богатство? Останува да го прочитате романот и да дознаете!
Оцена 5/5
Прочитајте ја и рецензијата за Клубот 5 наутро од Робин Шарма.
Блогирањето е важен дел од нејзиниот живот. Кафе, книги и музика ѝ се вечна љубов.