„Копачите“ е песна од стихозбирката „Бели мугри“ од Кочо Рацин. Таа е лирска песна со експресионистичко-револуционерен мотив. Во неа авторот не тера да се пробудиме, да се освестиме и да тргнеме во револуција! Доста бевме страдалници! Прочитајте ја една од најубавите револуционерни македонски песни!
Копачите
Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
.
Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!
.
Со мотика на рамо
за корка сува леб,
по патиштата стрмни,
по полињата рамни,
у вивналиов ден
да тргнеме и ние
страдалници од век!
.
На деда Богомил
земјата ровка, мека,
набабрена за род,
со страдна душа чека
ударите ни јаки
со мотиките остри
по троскот
пелин
трат!
.
Да прокопаме меко
полињата родни
афион, тутун, житце
да родат благородни.
.
И по кривите вади
да пропуштиме води
за оризите млади
и зелени лободи.
.
На работа!
На труд!
.
Да роди род богат!
Да бликне живот млад!
На пепел, троскот, пелин
во огин пламен јад!
Жилите да пуштат
корења длабоко
плодови да бликнат
високо, високо
слободно
на воздух!
.
Ораме со рало
но земjата ни златна
колку е богата!
.
На пепел троскот, пелин!
Во огин пламен јaд!
Да престане, да снема
тагата голема
за голиот живот
на човек
станал –
скот.
.
И в тaјa мугра пресна
да екне дружна песна
на дружните удари –
та биjат срца млади
и растат силно гради
пребликнати со јaд!
.
Од сички маки тешки
не видовме бел ден,
а од солзи жешки
не стануе меден
нашиот живот!
.
На работа!
На труд!
.
Та не сме саде ние
та не сме саде тука —
ние сме по цел свет
безбројни
милиони,
на трудот
црн —
народ!
.
Да биде честит денот
и првата ни стапка
у првиот ни век!
Ќе мине силен ек
Ќе б’сне сонце златно —
по секаде на светот
ќе згине срамно гнетот —
ќе л’сне живот нов!
.
И реки ќе потечат
и бреме ќе одвлечат
на вековите смрт!
.
Реките од живи
и пробудени сили
на копачи
копачки
и страдни
голи
гладни
по целата земја!
.
Се к’ти ноќта црна!
Се рути карпа — мрак!
И петли в село пеат
и зората се зори —
над карпа в крв се мие
и темнината пие
силно
светнал
ден!
.
Пробудете се морни
копачки и копачи —
на трудот
црн
народ!
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.