Мишел Екем де Монтењ (француски: Michel Eyquem de Montaigne; 28 февруари 1533 – 13 септември 1592) — француски благородник и еден од највлијателните писатели на француската ренесанса. Познат е како воведувач на есејот како посебен книжевен род. Нашироко се смета за татко на современиот скептицизам. Покрај есеите, негова главна одлика се обидите да користи „секојдневни“ анегдоти и автобиографијата во интелектуални расправи – томовите „Есеи“ (Essais =„Обиди“) содржат едни од највлијателните есеи некогаш напишани.
Мишел Екем де Монтењ – еден од највлијателните писатели на француската ренесанса
Монтењ имал огромно влијание на мноштво светски автори, вклучувајќи ги Рене Декарт, Блез Паскал, Жан Жак Русо, Вилијам Хазлит, Ралф Валдо Емерсон, Фридрих Ниче, Штефан Цвајг, Ерик Хофер, Исак Асимов, но и на подоцнежните дела на Вилијам Шекспир. Монтењ зборувал пофално за својот татко и за брат му, кој бил протестант, но никаде не ја споменувал мајка му, која била покрстена Еврејка.
Воведувач на есејот
Во своето време, Монтењ бил повеќе гледан како политичар отколку автор. Тенденцијата во своите есеи да вклучува анегдоти и лични размислувања се сметала за карактеристика на неговиот стил, а помалку како иновација, додека неговата мисла, „Јас сум предметот на мојата книга“, се сметала за самооградување од страна на неговите современици. Како што изминувало времето, Монтењ станувал сè попрепознатлив како отелотворување на духот на слободоумието, кој своите никулци ги има токму во тоа време. Веројатно е најпознат по својата скептичка забелешка Que sçay-je? („Што знам јас?“).
Неверојатно современ дури и за читателите денес, обидот на Монтењ да гледа на светот низ призмата на единственото нешто на кое може суштински да се потпре – своето лично мислење – го прави подостапен за современите читатели од кој било друг ренесансен автор. Бројни писатели до ден-денес црпат инспирација од неговата способност мајсторски да воспостави рамнотежа помеѓу интелектуалното знаење и личните впечатоци.
Пријателството е навистина највисокото човечко чувство
Монтењ го става пријателството над крвното сродство за кое смета дека сè уште не значи пријателство. Така, членовите на семејството можат многу да се разликуваат меѓу себе: едни се чесни, други лоши; едни умни, а други глупави. Затоа, само пријателството е навистина највисокото човечко чувство при што вистинското пријателство е над разумот и подлабоко од разумот.
Бил градоначалник на Бордо. Иако бил римокатолик, тој се обидел да ги ублажи конфликтите меѓу католиците и протестантите кои постоеле во тоа време. Тој исто така бил ценет од францускиот католички крал Хенри III и протестантот Хенри од Навара, кои доаѓале кај него за совет. Монтењ починал во 1592 година во замокот Монтењ. Тој бил погребан во близина на замокот, а подоцна бил префрлен во Бордо.
Вљубеник во книжевноста кој верува во светлината на зборот и на љубовта.