Литература Расказ

Дијалогот помеѓу двајца пријатели

Се среќаваат двајца пријатели од детство кои не се виделе цела деценија. Последно кога се видоа двајцата имаа по дваесет години. Сега се веќе возрасни, со цели три децении живот зад нив. Патиштата им се разминаа сосема случајно, но после толку време пак им се вкрстија.

После долгиот разговор што траеше со часови каде меѓусебно се обидуваа да си ги прераскажат животите, започна дијалогот што ќе ви го раскажам.

Првиот пријател му вели на другиот: Блазе тебе, ти имаш оформено семејство, дете ти е на пат, а јас уште лутам сам. Трагам по љубов, сè уште не сум успеал да ја најдам животната сопатничка. Немој да мислиш дека ти завидувам, јас сум пресреќен за тебе. Само правам паралела помеѓу нас.

Вториот пријател: Ех, пријателе, ако речам дека знам како ти е, ќе те излажам. Имав среќа да ми се поклопат коцките, но верувај дека и мене некогаш не ми е лесно. Сите имаме некаква тежина на плеќите.

Откако го ислуша неговиот пријател, првиот пријател му рече: Од друга страна пак, сум успешен во професијата. Постигнав завиден, исклучителен успех во мојата област, но што ми треба кога нема со кого да ја делам радоста. Професионалниот живот ми го закочи приватниот. Еве постигнав вакви резултати, а сега како да сум пред некоја раскрсница.

Вториот пријател: Не губи надеж! Секоја чест за постигнатото, јас ти симнувам капа. Ти си еден од најуспешните луѓе што ги познавам во нашата генерација. Треба да бидеш горд на своето постигнување. Ќе се појави и таа, немој да се секираш ама ич. Но треба и сам да се потрудиш да ја побараш, сама нема да ти тропне на врата.

Првиот пријател го знаеше ова многу добро, па му рече: Ех, го знам сето ова. Свесен сум дека треба да ги земам нештата во свои раце. Само, ќе споделам една лична тајна со тебе, никому не сум ја кажал. Не е ни чудно што сите со кои сум бил не ми го задржуваат интересот, никоја не е како неа. Уште потајно се надевам дека имаме шанси со Леа, а таа сепак се омажи за друг.

Вториот пријател: Не сум знаел за неа, дека сте имале нешто. Зошто не се бореше за неа, како се случи да рипне во тавче со друг кога толку си ја сакал?

Првиот пријател разочаран, со солзи во очите му рече: Тука е главниот момент, што никогаш не ни бевме заедно. Не успеав да ѝ кажам колку ми значи, а знам дека таа имаше силни чувства кон мене. Од обврски не стигнав да ѝ посветам внимание, се оддалечивме, контактот што го одржувавме полека се прекина. Која будала сум бил, мислев дека имаме цела вечност пред нас. Како можев да мислам дека таа мене ќе ме чека! Еве, ради тој мој пропуст уште патам, нека ми е.

Вториот пријател за миг се замисли, како да не знаеше што да рече. Потоа, само кажа: Навистина е зезнато. По втор пат денес не знам што да ти кажам, а да не звучи клише. Да ти речам да се надеваш дека ќе го остави, не е човечки според мене, не сум од тој тип. Преболи ја човече, тоа ќе ти биде најпаметно.

Првиот пријател како да не сакаше ова да го слушне, па рече: Се обидов многупати, тешко оди. За ова никогаш нема да си простам. Леа ќе ми остане засекогаш моја, неостварена и најголема љубов. Еден ден, ќе засакам некоја друга, ќе ја ценам и почитувам, а таа никогаш нема да знае дека во нејзините очи ги барам оние чијшто поглед му припаѓа на друг.

Вториот пријател: Те знаев за чувствителен, но не знаев дека си бил непоправлив романтичар. Имаш љубов во себе пријателе, штом можеш толку длабоко некого да сакаш. Сигурен сум дека ќе можеш да ја подариш и на друга. Не пати по нејзе, остави ја во минатото, и продолжи напред. Ќе видиш колку можеш да сакаш, само направи го тоа пред пак да не биде доцна.

Првиот пријател: И те како ќе те послушам, истите мисли ми се моткаат во глава и мене.

Н.Н

Similar Posts

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

WP Twitter Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Крајбрежје